фото: Маја Јаневска - Илиева

Без традиционалното василичарско оро, со едноминутно молчење во центарот на Вевчани, вевчанци ја одржаа скоро 15-вековната традиција на познатиот Вевчански карневал, кој годинава поради трагедијата во која животот го загуби младо момче од селото, се одржува симболично.

Иако во помал број од вообичаено, досетливите вевчанци на сатиричен начин отсликаа дел од актуелните случувања што ја одблежаа изминатата година и животот на македонскиот народ.

Поради трагедијата откажан е забавниот дел од манифестацијата што вечерва требаше да се одржи во центарот на Вевчани. Дел од рестораните и кафулињата во населбата не работат, а останатите се без музика. Го нема традиционалниот метеж по улиците, а најголем дел од присутните се гости, кои не знаеле за трагедијата. Повозрасните вевчанци, не паметат таква несреќа во пресрет на празникот Свети Василиј.

– Трагедијата што се случи сношти во Вевчани, сообраќајна несреќа, погина млад член на Вевчани, жител на Вевчани. Улиците на 13 јануари никогаш не биле во ваква состојба. Вевчани сме мало место, сите сме како една фамилија. Вакви немили настани нѐ потресуваат. Вечерашниот концерт е откажан. Вевчани овој ден го чека цела година, меѓутоа, не на ваков начин – изјави градоначалникот на Вевчани, Спасе Кочовски.

Според традицијата двете василичарски друштва Горна и Долна маала со зетот, невестата, двата ѓаволи, глупавите Августи и останатите маски дефилираат низ вевчанските улици. Верувањата се дека го бркаат злото и чисти ќе ја почнат Новата година, која според Јулијанскиот календар почнува на 14 јануари.

Фотографии: Маја Јаневска-Илиева