Министерот за економија Крешник Бектеши денеска и се извини на новинарката од телевизија Канал 5 Катерина Капоска по реакциите во јавноста за неговиот одговор на прашањето што му го упати таа вчера на прес-конференција во Владата.
Во пишана изјава до медиумите Бектеши посочува дека при секојдневното соочување со новинарите, може да дојде и до недоразбирања.
– Несомнено е дека новинарите имаат клучна улога во нашето општество, нивниот придонес и работа е многу важен во најефикасното и најтранспарентното функционирање на државните институции. Но, при нашата транспарентност, при секојдневното соочување со новинарите за прашањата за кои сме и надлежни, може да дојде и до недоразбирања во различни ситуации. Од ваков карактер беше и вчерашниот случај со новинарката Катерина Капкоска, на која лично и се извинувам доколку без намера ја навредив – стои во изјавата на министерот Бектеши.
Во однос на телевизија Телма, пишува Бектеши, имам огромна почит за нивните професионални новинари, но нема да дозволиме преку конфликт на интерес да потпаднеме под притисок на компанијата Макпетрол која се обидува да задржи монопол на пазарот, на штета на граѓаните.
– Во спротивно, Горди сме што се либерализираше пазарот на природен гас во државата, одлука која е во интерес на стопанството и на граѓаните, што за жал не е направено од осамостојувањето на државата – вели Бектеши.
Капкоска вчера го праша Бектеши дали не беше избрзана одлуката на ЕСМ за склучување месечен договор за набавка на гас по фиксна цена од 98 евра кога на берзата цената е многу пониска, но и со оглед дека „Макпетрол“ вчера објавил дека цената на гасот за февруари е 40 отсто пониска од онаа за јануари, а Бектеши најпрво и одговори дека веројатно има добра соработка со колегите.
-Добра соработка веројатно имате со колегите, ви ги даваат нивните прашања што сакаат да ги постават, но нема проблем, тука сум и секогаш отворен транспарентно да одговорам – рече Бектеши.
На тоа реагираше новинарот од Телма кој присуствуваше на прес-конференцијата, на што Бектеши посочи дека „не е место тука да се даваат коментари, туку да се поставуваат прашања“.
-Не сте тука повикани да давате коментари, туку да поставувате прашања Ако мисите дека во прес центарот може да давате коментари, тоа може да го направите во вашите емисии, не е тука местото да се дебатира, туку да се поставуваат прашања, а наше е да одговориме и како сакаме да одговориме – рече Бектеши кој сепак потоа јавно се извини.
По прес-конференцијата уследија реакции и од Макеоднската медиумска асоцијација, Здружението на новинари и Синдикатот на новинари и медиумски работници.