Вработени од обложувачниците и казината пред Собранието на протест против измените на законот за игри на среќа/Фото: Архива/Маја Јаневска-Илиева

На дневен ред во Собранието денес е законот за игри на среќа на трето читање, откако претседателот Стево Пендаровски не го потпиша указот.

Од Асоцијацијата на спортските обложувачници (АСОМ) велат дека пратениците денес се исправени пред предизвикот да кажат конечно и последно „против“, како што велат, штетниот Закон за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри во трето читање за кој одлучно „не“ кажа претседателот на државата, Стево Пендаровски и Делегацијата на Европската Унија во Македонија.

– Како Асоцијација на спортски обложувачници (АСОМ), која се грижи за 10 илјади директно вработени и одржување на уште 54 илјади други работни места, ги повикуваме пратениците да не даваат поддршка на овој закон и да одговорат на нашите долгогодишни повици за започнување на транспарентна и инклузивна дебата преку која заеднички ќе дојдеме до вистинско европско законско решение за уредување на оваа област притоа не загрозувајќи ја иднината на нашите десетици илјади вработени, играчите и на малолетниците. За АСОМ останува нејасна упорноста со која се турка носењето на овој закон, за кој и Делегацијата на ЕУ во Скопје забележа дека се носи со злоупотреба на европското знаменце, бидејќи конкретниот закон не е поврзан со усогласување со правото на ЕУ. Напротив, преку неправилното означување на законот со ЕУ знаме, се скратува јавната дебата за важни прашања – велат од АСОМ.

Како што додаваат, неодговорно е под заштита на ЕУ знамето да се тврди дека ограничувањето на просторот, на кој можат да работат приредувачите на игрите на среќа, е со цел да се заштитат младите од лоши и несоодветни навики за нивната возраст.