Со реализацијата на проектот „Re-construct“ се отпочнува со примена на рециклирањето на градежниот отпад на територијата на градот, ќе биде поставена оперативна механизација за преработка на градежниот отпад, обучени се 30 технички лица за управување со механизација за преработка на градежен отпад и 20 градежници за реупотреба на градежен отпад и изготвен е прирачник за реупотреба на материјали и градежен шут, истакна градоначалничката Арсовска.
Како што информираат од Град Скопје, на форумот со цел презентација на активностите од проектот „Re-Construct“, кој е поддржан од Европската Унија, во фокусот биле новите иновативни модели за рециклирање и реупотреба на градежен отпад и шут, поттикнување на кохерентност на политиките и интеграцијата и долгорочната визија на постојните иницијативи поврзани со циркуларната економија.
Според градоначалничката Арсовска, овој форум претставува одлична можност за размена на знаења со општината Нова Горица, искуства и позитивни примери што влијае на зголемување на подготвеноста на градската администрација и на јавните претпријатија за имплементирање на овие нови решенија за третман на отпадот.
На форумот учествувале градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, претставници на општина Нова Горица од Словенија, Само Турел, претставникот на Европската делегација Александру Албу, директорот Александaр Кузинаков и претседателот на УО на ЈП Дрисла Даме Димитровски, директорот на ЈП Улици и патишта Ќамил Ковачи, претставници на државни институции, универзитетски професори, експерти од областа на животната средина, како и претставници на невладиниот сектор.