Се поголем број македонски државјани ги користат услугите на меѓународниот аеродром во Тирана, од каде моментно може да се патува на 129 директни дестинации.
Тоа го потврдува и бројката од над 100 илјади македонски државјани кои пристигнале или отпатувале кон некоја од многубројните дестинации.
– Овој аеродром претставува единствениот меѓународен аеродром во регионот, со широка покриеност и многу пристапни цени. Него се повеќе го користат и граѓани од Црна Гора и Косово. Во периодот јануари – ноември регистрирани се 800 илјади косовски и 200 илјади црногорски државјани – наведуваат медиумите.
Додаваат дека на 9 овој месец, слетал десет милионитиот патник за оваа година, што „до пред шест години не можеше ни да се замисли“.
– Под раководство на „Кастрати Груп“, единствениот акционер на Меѓународниот аеродром во Тирана и во соработка со Управата за цивилно воздухопловство, интензивно се работи за да се одговори на растечките барања на патниците и во исто време постојано да се зголемува опсегот на дестинации – информираат аеродромските власти.
Од таму најавуваат дека по нова година се очекува да биде воспоставена директна авионска линија Тирана-Њујорк.