Знаеме ли ние во суштина што е најлековитото нешто на овој свет за ранетата душа? За повредената суета, за скршеното јас, за болните подличности, за недокажаните нешта, за незавршените работи, знаеме ли воопшто?!

Денес, во ова т.н. модерно или поточно, постмодерно време, психотерапијата не е повеќе толку многу забранета тема, нешто од кое треба да се срамиме, ниту пак се верува онолку колку што се веруваше, дека е наменета само за луѓето што некои од нас ги нарекуваат луди! Можеби сè уште постојат сомнежи, предрасуди, стереотипни ставови или некакви квази-мислења за неа дека е нешто што се искусува само кога имаме некаков психички проблем. Можеби сè уште постојат луѓе што се плашат или се срамат да тропнат на вратата на психотерапевтот поради стравот дека некој сосед ќе ги види и ќе ги праша каде се упатиле или што наумиле… Можеби сè уште не е вгнездено во сечиј ум дека да се работи на себеси и да се постигнува поголемо ниво на личен развој не е работа на интелектуален елитизам или, пак, на општествен и културолошки луксуз. Можеби не сме прифатиле сите дека како што одиме на забар кога нè боли осмицата или ни се клати четворката, така можеме да отидеме на психотерапија зашто ни се „клати” самодовербата, или, нè „боли” душата, или имаме „кариес” што ни ја покрил емпатијата. Но одминува времето во кое сметавме дека хемијата секогаш повеќе помага, дури и кога не е неопходна, со чесни исклучоци кога навистина е таква (неопходна). Но, сè повеќе луѓе тропнуваат на таквите врати, со душата собрана во петиците, со наведната глава од комплекси или себе(не)верувања, или со рамениците свиткани од очај, скрб и тага…

Знаеме ли ние во суштина што е најлековитото нешто на овој свет за ранетата душа? За повредената суета, за скршеното јас, за болните подличности, за недокажаните нешта, за незавршените работи, знаеме ли воопшто?!
Според некои истражувања, денес постојат над четиристотини вида психотераписки модалитети, иако во суштина се смета дека сите тие се деривати на дваесеттина базични приоди, теории и методологии во работата на душевните прашања.
И сите тие приоди, модели, техники и методи си имаат свои силни и слаби страни, иако, слободно може да се рече дека ниедна од нив не е совршена, ниту, пак, доволна самата од себеси и самата по себеси. Затоа што човековата душа е многу повеќе од која било методологија, од каква било едукација, од најдобрата техника и од секаквите теории и модели. Затоа што човековите емоции се неброен број пати повозвишени од капацитетот на најдобриот психотерапевт да ги поими, а камоли да ги разбере. Затоа што и најголемите умови во психологијата, сите заедно збрани, не се доволни никогаш под ова небо и во ваквата стварност да ги разберат и опфатат сите наши длабински, лични феноменологии. Затоа што мојата тага и твојата тага не се иста тага. Затоа што мојата и твојата среќа различно светат и никогаш не можат да се подведат под еден збор, едно дело, една мисла.

Денес, во ерата на подемот на психолошката наука, а особено на психолошката практика, секој учен човек од сродните области може да ги изучи барем основните принципи, начела, методи и техники на која било психотераписка школа или правец. Секој, макар и малку надарен во човекоразбирањето, кој поседува барем просечна интелигенција, може да ги научи сите техники, интервенции, дури и зборови кои секогаш, секаде, секој што има потреба од помош, може да му ги каже и со него да ги спроведе. Но знаеме ли ние воопшто, поимаме ли воопшто дека познавањето и знаењето не се иста работа ! Знаеме ли воопшто што е најлековитото нешто за болната душа? Можеме ли да си одговориме зошто истите зборови кажани за утеха и добромисла од две усти не се еднакво лековити?
Не, не знаеме. Или не го сознаваме она што го знаеме оти не го гледаме таму каде што се наоѓа. Учените луѓе во психологијата се полни со знаења. Се разбира, горди се на своите познавања, умешности и техники, поткрепени со илјадници благодарности од луѓето на кои им се нашле во душеболката. Но, многу од нив не биле на часот на кој не се кажало тоа што е најважно за душеболката, оти таков наставен час не постои.
Многу од нив не ја прочитале книгата каде го пишува најпаметното што треба да му се каже на човекот во очај. Многу од нив заборавиле дека најлековитото нешто не се наоѓа во ниту една книга, во ниту една едукација, во главата на ниту еден славен психолог. Тоа се наоѓа на друго место, каде што не им текнало да го побараат, или, едноставно, го немаат.

Најлековитото нешто, колку да звучи прозаично, или од друга страна, поетски, е токму љубовта. Љубовта кон луѓето што никој не ги љубел вистински. Љубовта кон оние што биле презирани поради инаквоста. Љубовта кон сите тие што тропнале на вратата од човекот кому му се верува. Љубовта во секоја форма, смисла и значење. Многу учени луѓе заборавиле дека релацијата што зрачи со разбирање, кое доаѓа од феноменолошката кујна на нашите длабоки слоеви, е најлековитото нешто и ниедна интервенција не може да ја надмине. Тогаш, кога љубовта е основата на прифаќањето и појдовната точка на разбирањето, тогаш и само тогаш можеме да бидеме блиску до она што се нарекува поддршка. Токму затоа љубовта е најсилната терапија.

Автор: Мирослав Пендароски, психолог, универзитетски професор