Фото: Игор Бансколиев

Нема одговор како државата би можела да се справи со овој проблем, а се чини дека и немањето соодветна правна рамка, со која би се уредило функционирањето на социјалните медиуми во време на предизборен молк, како да им одговара на партиите

Никој не ги контролира социјалните мрежи за време на предизборен молк, така што партиите масовно ги користат и ги злоупотребуваат во период кога не треба да го прават тоа.
Имено, заради непостоењето на законска регулатива со која би се мониторирале политичките активности преку социјалните мрежи во време на молк, партиското агитирање масовно се префрла на социјалните платформи, при што допира до огромен број луѓе дури и на самиот ден на гласањето.

Нема одговор како државата би можела да се справи со овој проблем, а се чини дека и немањето соодветна правна рамка со која би се уредило функционирањето на социјалните медиуми во време на предизборен молк како да им одговара на партиите.
– Најдобро е овој простор да остане нерегулиран, бидејќи сите обиди за регулација на просторот на социјалните мрежи би се сметале за цензура – вели Марко Трошановски, комуниколог.

Тој додава дека постои законска основа да се казнуваат оние што шират говор на омраза преку социјалните мрежи, но дека политичката комуникација е доста проблематична и не може да се регулира, бидејќи може да доаѓа од различни профили, кои може да ги отвори секој.

– Изборниот молк во денешно време на Интернет и на социјални мрежи ја губи смислата. Ние по инерција го применуваме. Најдоброто решение е во иднина тој или да се намали, или целосно да се укине, по примерот на некои западни земји – истакнува Трошановски.
Од Министерството за информатичко општество и администрација велат дека не постои закон преку кој би се регулирало дејствувањето на социјалните мрежи, притоа посочувајќи дека почитувањето на молкот се регулира со Изборниот законик и дека контролата дали тој се почитува ја врши Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

– Под наша надлежност е исклучиво контролата на телевизиите и на радијата, немаме ингеренции да ги контролираме социјалните мрежи – кратко одговараат од оваа Агенција.

Македонија со молкот пред изборите има релативно стандардно ограничување, што остава доволен простор граѓаните да решат за кого ќе гласаат, но со сè поголемата доминација на социјалните мрежи, порталите и блоговите како да се губи смислата на предизборниот молк.

И покрај намерата гласачите, благодарение на молкот, мирно да ги сумираат впечатоците и да одлучат кому ќе го дадат гласот, сè почесто се слушаат мислењата дека привремената забрана на кампањата е бесмислена во ерата на Интернетот, но и дека претставува напад врз слободата на говорот.

По овој критериум се водеше и американскиот Врховен суд, кога во 1992 година реши да ги ограничи кампањите само во текот на изборниот ден и тоа исклучиво на изборните места во пречник од 30 метри. Секакви пошироки ограничувања, според судиите, би биле неуставни од аспект на слободата на говорот.

Во пресрет на изборите не се молчи ниту во Германија, ниту во Белгија, Данска, Финска, Холандија, Исланд, Кипар, Норвешка, Португалија, Швајцарија, а изборен молк нема ниту во Велика Британија, но може да биде „доброволен“ на денот на изборите.
Покрај тоа, се поставува прашањето и какви содржини се споделуваат преку социјалните мрежи за време на изборната кампања, но и во време на молкот.
– Ако заборавиме на момент на изборите и ако погледнеме какви вести и содржини луѓето делат преку социјалните мрежи, ќе забележиме дека во најголем број случаи станува збор за некакви скандали, згрозувања, видеоклипови во кои некој испаднал наивен, сите можни екстремни работи.

Ретко некој ќе постави изјава што е одмерена и коректна – велат експерти за социјални мрежи, притоа додавајќи дека целта е да му се нанесе штета на кандидатот во изборниот процес.
Според нив, одмерените изјави се здодевни за корисниците на социјалните мрежи и затоа се оди на екстремни објави, особено во деновите пред изборите, бидејќи пораките стигнуваат до потенцијалните гласачи и можат да бидат пресудни при нивниот избор.

– Живееме во време кога на социјалните мрежи поминуваат екстремни изјави, необични ставови, креативни и „откачени“ предлози за решавање на социјалните проблеми. Исто така, важно е овие ставови да бидат соопштени во некоја чудна форма и да се користи некаков неочекуван, поинаков јазик. Партиите тоа го разбираат и токму затоа ги користат социјалните мрежи во целиот предизборен период, па и во време на молк, кога тоа не можат да го прават преку стандардните медиуми – велат експертите.
Во услови кога законски не може да се интервенира, се поставува прашањето дали воопшто е можен изборниот молк или Македонија треба да тргне по стапките на другите европски земји и да прекине со оваа практика. Но претходно треба да се поработи и на нивото на политичката култура и коректност.

[email protected]