Прирачникот „Заедно ЗА природата: Водич за екоактивизам“ покажа како младите можат да ги користат медиумите за да направат општествена промена, откако средношколците и професорите вклучени во проектот „Локална акција за подобри политики за заштита на животната средина“ користеа дел од алатките претставени во публикацијата за решавање на еколошките проблеми во нивната околина. Водичот за екоактивизам се фокусира на правните механизми за заштита на животната средина, екоактивизмот како граѓански ангажман, но и како да се создаваат кампањи за застапување на инцијативи од јавен интерес.

Во него детално се објаснува зошто е важно и како да се заштити животната средина со македонското право, граѓанската ангажираност како важен услов за унапредување, но и спречување какво било деградирање на животната средина, како и за чекорите на планирање на кампањи од јавен интерес, со посебен акцент на социјалните мрежи.

Проектот „Локална акција за подобри политики за заштита на животната средина“ во партнерство помеѓу Институтот за комуникациски студии (ИКС) и Македонското еколошко друштво (МЕД) се одвива во периодот од 2020 до 2022 година и има за цел да им овозможи на граѓанските организации и младите луѓе од регионите со заштитено подрачје (Пелагонија, Охрид, Струмица, Тиквеш, Демир Капија и Преспа) да стекнат знаења и вештини за заштита на животната средина. Во проектот се предвидени повеќе активности за застапување и лобирање на политиката за зачувување, заштита и унапредување на квалитетот на животната средина и квалитетот на живот на граѓаните.

Во рамките на проектот се реализираат изработка на онлајн едукативни ресурси, обуки, еко-камп и теренски истражувања, кои треба да придонесат кон создавање модел на неформално образование, што и во иднина ќе може да се користи во случај кога се прекршува правото на здрава животна средина. Овие активности се реализираат со финансиска поддршка на Европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДХР).