Утрово околу 4.30 часот, првите македонски граѓани кои беа на аеродромот во Кабул, слетаа во Доха, и се очекува да бидат трансферирани во Кувајт. Нивниот транспорт во земјава е неспорен и тие се на безбедно. Малку подоцна слета и втор авион во Абу Даби, Дубаи, во кој се наоѓаа 25 македонски граѓани и нивниот пат продолжува за Лондон. Дополнително се упатени 25 наши граѓани од базата во НАТО во Кабул, и тие се на пат за Доха каде што наскоро се очекува да слетаат. Нивниот пат е безбеден – информираше министерот за надворешни работи Бујар Османи, на денешната прес-конференција, додавајќи дека веќе нема македонски граѓани на терминалите на аеродромот во Кабул кои чекаат да бидат евакуирани, според последните информации.

Во базата на НАТО во Кабул се наоѓаат уште 14 македонски државјани, од кои тројца ќе останат да ги вршат задачите и ќе бидат евакуирани последни, заедно со војската од базата.

– Во НАТО базата во Кабул се наоѓаат уште 14 македонски државјани и 11 од нив наскоро треба да бидат ставени во планот за евакуација додека тројца ќе останат да вршат да ги вршат задачите и ќе бидат евакуирани последни заедно со војската од базата – објасни Османи.

Министерот нагласи дека се очекува сите македонски граѓани да бидат извлечени од Авганистан и безбедно да се вратат дома.