Непостоењето на ефикасен третман на пластиката е главниот фактор што доведува таа да завршува на местата каде што не треба. Во домаќинствата не постои систем за рециклирање на отпадот, така што пластичниот отпад се меша со преостанатиот отпад и завршува на депониите, каде што подоцна се гори, а ослободените токсини завршуваат во воздухот

Затрупани реки, езера, планини и градови со пластика е реалноста што нè опкружува денес. Речиси не постои место каде што нема да налетате на фрлена пластична амбалажа или ќесиња, што само потврдува за огромната присутност на оваа суровина. Пластичната амбалажа беше забележана и на дното на морињата, цели пластични острови се движат по површината на океаните, во ткивото на рибите беше откриена микропластика, пластиката е присутна и во почвата, така што речиси и не постои место каде што ја нема.

Во време кога во глобални рамки е започната кампања за намалување на употребата на пластиката поради нејзиното штетно влијание врз здравјето на луѓето и природната околина, кај нас не постои ефикасен систем за собирање на пластиката од домовите. Токму тоа е главниот фактор што доведува пластиката да завршува на места каде што не треба. Во домаќинствата не постои систем за рециклирање на отпадот, така што пластичниот отпад се меша со преостанатиот отпад и завршува на депониите, каде што подоцна се гори, а ослободените токсини завршуваат во воздухот.

– Речиси секој ден во мојот дом има за фрлање по едно-две пластични шишиња. Не ги мешам со преостанатиот отпад, туку ги собирам во една вреќа и ги оставам пред влезот. Одвреме-навреме поминуваат некои индивидуални собирачи на ваков отпад и со мопеди ги носат по отпадите – вели Јован Стојановски, жител на скопската населба Пржино.

Тој додава дека нема време самиот да го носи отпадот во откупните центри, а смета и дека тоа му е неисплатливо.

– Ако месечно произведам по две-три вреќи пластичен отпад, тоа не е доволно да го исплатам само горивото што ќе го потрошам за носење, сепак мислам дека е тоа премало количество. На крајот од краиштата, нека заработат некој денар и луѓето што секој ден се мачат и собираат пластична амбалажа. Според мене, најдобро е целата работа да е организациски решена, да знам каде да ја фрлам таа пластика, па потоа надлежни служби да ја собираат и да ја третираат каде што треба и како што треба – нагласува Стојановски.

Компаниите што се занимаваат со третман на отпадот имаат сличен став, дека е потребно системско решение за решавање на проблемот со пластичниот отпад.
– Не е решение секој сам да го собира и носи отпадот. Потребно е системско решение на проблемот. Ние поставуваме контејнери за собирање пластичен отпад на различни пунктови низ градот, но неформалните собирачи ги оштетуваат. Покрај тоа, голем дел јавни претпријатија не се подготвени и не сакаат да соработуваат со нас – вели Ико Брдаровски од „Пакомак“.

Според него, потребни се поголем број комунални инспектори што ќе ги казнуваат граѓаните што фрлаат пластика и друг смет, како и оние што ги оштетуваат контејнерите за селектирање отпад.
– Ако некој ги мобилизира комуналните претпријатија да почнат заедно со нас да го третираат отпадот, тогаш можам да кажам дека 90 отсто од проблемот со пластиката ќе биде решен – истакнува Брдаровски.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање, пак, тврдат дека има организирано собирање на отпадот, но дека комуналните претпријатија немаат капацитет целосно да го спроведат тоа.

– Постои организирано собирање на пластичниот отпад, но неформалните собирачи го крадат тој отпад и го продаваат во центрите за рециклирање. Покрај тоа, и комуналните претпријатија немаат капацитет целосно да го спроведат тоа – вели Ана Мазнева-Каранфиловска од Секторот за отпад при Министерството за животна средина и просторно планирање.

Од откупните центри за пластичен отпад велат дека нема некаква исплатливост секој посебно да го носи отпадот.
– Работиме со поголеми количества отпад, па затоа малите количества не се исплатливи. Дури и при поголеми количества пластичен отпад цената зависи од повеќе фактори. Првично цената ја одредуваме според тоа дали е чиста пластиката, дали е балирана, дали е собирана од контејнер – велат од еден поголем собирен центар на периферијата на Скопје.

Според нив, кај нас не е доволно уредено организираното собирање на пластичниот отпад, што резултира со тоа тој да завршува насекаде.

– Најдобро е пред секој објект, дали е тоа зграда или куќа, да се постават соодветни контејнери во кои ќе може да се остава пластиката, која подоцна ќе биде собирана од надлежни фирми и ќе се носи кај нас – додаваат од собирниот центар.

Сè додека не се воспостави функционален систем за третман на пластичниот отпад и не се разбуди свеста кај граѓаните, но и кај институциите што се занимаваат со оваа проблематика, отпадот ќе биде и ќе остане наше секојдневие.