Според решението на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) донесено на 26 септември минатата година, Охридско Езеро требало да се пориби со вкупно 865 килограми подмладок од јагула, но два дена подоцна езерото било порибено со 374 килограми подмладок од јагула, со просечна тежина од 25 грама по парче

Исчезнат рибен подмладок наменет за порибување, служење пастрмка во ресторан во време кога важи забрана за риболов на овој вид риба, како и рибокрадство од невидени размери е секојдневна слика на Охридско Езеро.
Хаосот што владее со најстарото езеро во Европа неодамна кулминира со одземање на концесијата од концесионерот „Летница белвица“ од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство поради утврдени неправилности во работењето, но се чини дека проблемите се уште поголеми и наталожени со години.
Имено, кон крајот на септември минатата година, како што тврдат локални рибари, речиси половина тон подмладок од јагула наменет за порибување на Охридско Езеро мистериозно исчезнал.

– Точно е, имаше порибување на езерото со јагула кон крајот на септември. Слушнавме дека нешто било порибено, но голем дел од подмладокот на јагулата завршил на друго место. Ниту ние не знаеме каде, но се сомневаме дека зад ова се крие голем нелегален бизнис – велат рибари од струшко Радожда.
Тие додаваат дека рибниот подмладок се шверцува на црно и дека сега јагулата може да се забележи и во други езера низ земјава.

– Нема езеро во Македонија во кое нема јагулчиња, што е само потврда дека некој зема од рибниот подмладок наменет за Охридско Езеро и порибува други води. Јагулата е скапа, чини и до 800 денари килограм, и затоа се прават вакви бизниси со подмладокот – додава рибар од струшко Радожда, кој посака да остане анонимен.
Според истиот извор, во моментот во Охридско Езеро владее општ хаос, така што е потребно државата да преземе чекори за нештата да се доведат во ред.

– Ловат пастрмка во Албанија и им ја продаваат на рестораните во Македонија. Тоа не е во ред, се пустоши рибниот фонд само за профит. Се служи пастрмка со икра, што е најстрого забрането. Затоа ќе побараме од министерот за земјоделство ние да бидеме концесионери. Имаме сè што треба, опрема, чамци, мрежи… Ние најдобро ќе го заштитиме езерото, оти живееме од него, а не некој што е заталкан во овој бизнис и кој гледа само да профитира на штета на езерото – додава рибарот што посака да остане анонимен.

Според решението за затворање карантин на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), донесено на 26 септември минатата година, Охридско Езеро требало да се пориби со вкупно 865 килограми подмладок од јагула, но два дена подоцна езерото било порибено со 374 килограми подмладок од јагула, со просечна тежина од 25 грама по парче.

Инаку, карантинот на подмладокот од јагула е вршен во нерегистриран рибник во Демир Хисар, така што тешко може да се утврди дали дел од рибата угинал или, пак, се нашол во некои други приватни рибници. Покрај тоа, во возилото со кое требало да се изврши порибување се констатирани 145 килограми угинат подмладок.

Во меѓувреме весникот се обрати до АХВ, која е потписник на решението за количеството јагула со кое треба да се пориби езерото, како и до АД ЕСМ, кои учествуваат во порибувањето, но до затворањето на бројот не добивме одговори за процедурата по која се врши порибувањето.

Во моментот во Охридско Езеро владее општ хаос