Четирите броеви за прием на итни повици за полиција -192, противпожарна – 193, брза помош -194 и 195 за Центар за управување со кризи етапно ќе се заменат со единствениот број 112, почнувајќи од 11 февруари следната година.
Со тоа граѓаните ќе имаат можност на едно место да побараат помош во итна ситуација.

Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов вели дека граѓаните покрај на македонски ќе можат да добијат помош и на албански и на англиски јазик.За потребите на центарот ќе бидат вработени 50 лица, а предност ќе добијат вработените во државната администрација.

– За граѓаните нема да има разлика и тие нема да знаат кога вртат 112 дали се јавиле во Скопје, Битола, Штип или во Тетово бидејќи самиот систем е совршен и ги пренасочува повиците. Доколку некој се јави и почне да зборува на албански со едно стискање на копче повикот оди кај колега Албанец кој ќе зборува со лицето на кое му е потребна помош – истакна директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.

За почеток, на ниво на цела држава на располагање ќе бидат ставени 8 регионални центри што ќе бидат во постојана координација со главниот центар во Скопје.

Бројот 112 е единствен број кој се користи на ниво на цела Европска Унија.