Премиерот Зоран Заев, оствари средба со делегација на Сојузот на турски невладини организации „МАТУСИТЕБ“, предводена од претседателот на Сојузот Хустрев Емин, придружуван од Тахсин Ибрахим и проф. д-р. Сулејман Баки.

Состанокот како што информираат од кабинетот на Заев, бил посветен на пописот на населението, домаќинствата и становите, активностите поврзани со негова реализација, како и важноста на правичната застапеност.

Претставниците на „МАТУСИТЕБ“ ја потенцирале важноста на пописот и податоците кои ќе се добијат, како основа за креирање на идните политики на нашата држава.

Како мрежа на повеќе од 60 невладини организации, тие се залагаат за попис којшто ќе ја покаже реалната слика за населението кое живее во Северна Македонија.

Побарале, рамноправна застапеност во целиот процес на подготовка на пописот којашто следи во наредниот период и информирале дека тие како организации продолжуваат со работа на терен, информирање на граѓаните за важноста од спроведување на пописот, и попишување на сите граѓани онака како се чувствуваат без уцени и притисоци.

Премиерот Заев, уште еднаш ја потврдил заложбата на Владата за правична застапеност на сите заедници кои живеат тука.

– Целта е да се попишат сите, секој еден е важен и треба да бидеме сигурни дека на крајот на пописот ќе ја имаме реалната слика – рече премиерот Заев.

Тој се осврнал и на богатството на нашата држава кое се состои од големиот број на етнички заедници, а турскиот народ според него е мостот кој ги поврзува двете држави, Северна Македонија и Турција, додаваат од владините служби.