Пораки за радост и љубов, но и апели за одговорно празнување содржат честитките на државниот врв по повод празнувањето на големиот христијански празник – Велигден.

Претседателот Стево Пендаровски на граѓаните им посака љубов и добра мисла, и порача дека во услови на ковид-19, треба да бидеме совесни.

„Посакувам празничните денови да ги поминете во добро здравје, исполнети со среќа, радост и љубов. Велигден како празник на надежта ги исполнува срцата со топлина, а мислите со оптимизам и верба. Да шириме љубов и добра мисла и да му се радуваме на животот. Нека постојано со нас биде присутна дарежливоста, добродушноста и искреноста. Како што Христијанството би било празно без христовото воскресение така би биле празни и нашите животи без љубов, сочувство, морал, споделување и благодарност. После повеќе од една година живот во пандемија која го загрозува здравјето и предизвикува економска пустош се наѕира крај на голготата со која се соочува целото човештво. До завршувањето со имунизацијата да бидеме совесни и одговорни“, се вели во честитката од претседателот Пендаровски по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден“, се наведува во честитката на Пендаровски.

Премиерот, Зоран Заев порача дека саможртвата на Христос треба да ни биде пример со личен подвиг да внимаваме на личното и на здравјето на другите и сите заедно да учествуваме во победата над пандемијата.

„Во наше изменето современие, научивме дека Велигденските денови се можност да се свртиме кон себеси и кон нашите најблиски, да создаваме добри дела и да покажеме солидарност, почитување и разбирање еден кон друг. Во овој период на пандемија, да празнуваме како одговорни граѓани, а Велигден, како празник на надежта, да донесе благосостојба, радост и сплотеност во нашите домови. Опкружени со љубов, но и со надеж за подобрите денови кои доаѓаат, да бидеме исполнети со хармонија и прошка, мир и просперитет, без поделби, без омраза, без конфликти“, се наведува во честитката на премиерот.

Порака за љубов, радост и добро здравје упати и претседателот на Собранието, Талат Џафери, од свое лично име и од име на пратениците.

„Упатувам искрени желби за добро здравје, лична и семејна среќа, лични и колективни успеси и радости. Големите празници се секогаш добра можност да се потсетиме на работите кои вистински ни го радуваат срцето, да ја засилиме вербата и надежта која треба да ја имаме за да ги надминеме предизвиците пред нас. Во овие години на пандемија се соочивме со особено голем предизвик, а тоа е нашето здравје и здравјето на нашите драги и блиски луѓе. Осознавме што значи и колку е болно од ден на ден да заминуваат во вечноста блиски и далечни, познати и непознати луѓе. Нека празникот донесе нова, силна надеж и верба во што побрзо надминување на пандемијата, закрепнување на економијата и колективно здравје на сите наши граѓани. Да запомниме дека здравјето е меѓу оние вредности на животот кои се од најголемо значење, кои се незаменливи и универзални за сите нас, без оглед на разликите што не карактеризираат“, наведе Џафери во честитката.