Асоцијацијата „Хера“ го одбележува 26 септември – Меѓународен ден на контрацепција, чија цел е да се подобри свеста за контрацепцијата и да им се овозможи на младите луѓе да направат информирани избори за сопственото сексуално и репродуктивно здравје.
Под слоганот „Животот е твој и одговорноста за него е твоја“ и оваа година настанот на глобално ниво ја промовира мисијата дека секоја бременост треба да е планирана.
– Потсетуваме дека во нашата земја модерната контрацепција не е достапна за младите, жените и паровите, со што сериозно им се загрозува репродуктивното здравје и животот на граѓаните. Стапката на употребата на модерна контрацепција изнесува само 12,8% и државата е дел од земјите со најниска стапка на употреба на контрацепција во Југоисточна Европа и европскиот регион. Сè уште ниту едно контрацептивно средство не е ставено на позитивната листа на лекови, односно не е покриено со осигурување. Иако Министерството за здравство се заложи за обезбедување бесплатна контрацепција за сиромашните и ранливите групи жени, оваа мерка не се спроведува во пракса, поради отсуство на механизам за набавка и дистрибуција на контрацептивите. Во училиштата нема сеопфатно сексуално образование и со тоа државата го ограничува правото на младите да добијат точни и научни информации како да го заштитат сопственото здравје. Иако 36,5% од младите жени на возраст меѓу 20-24 години имале потреба од контрацепција, а истата не биле во можност да ја добијат – се наведува во забелешките на „Хера“.
Од таму велат дека на глобално ниво, пристапот до модерната контрацепција ја намалува матерналната смртност за 25% и смртноста на новороденчиња за 20%, а пристапот до контрацепција е обврска на државата за обезбедување основна здравствена заштита и благосотојба на своите граѓани.
– Ја повикуваме Владата да ја направи контрацепцијата достапна за сите девојки и жени во земјата. Ставањето на модерната контрацепција на позитивната листа на лекови е дел од Владината програма во областа на здравството до 2020 година и бараме нејзино спроведување без никакво одложување – истакнуваат од Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување.
По овој повод денеска се организира и јавен настан во Градскиот парк, чија цел е да се промовира потребата од пристапна и достапна контрацепција.