Барањето за промена на Уставот, со вклучување на македонските Бугари како дел од конститутивните народи во современа Македонија е најбрз пат да се покаже дека завршува стигматизацијата на македонските Бугари, вели во своето вечерашно гостување во емисијата „360 Степени“ на „Алсат“, Ѓорѓи Трендафилов, претседавач со Националниот комитет на Граѓанско демократската унија (ГДУ).
– Знам дека можеби би било комплицирано да се дојде до тоа потребно мнозинство сега во парламентот, но тој би бил најбрз чекор кој ќе покаже дека атмосферата на стигматизација и архетип на непријатели, Бугарија или македонските Бугари, завршува со вметнувањето на категоријата дека еден од конститутивните народи во современата македонска држава се и македонските Бугари – вели Трендафилов.
ГДУ е формирана како идеолошка партија. Од основачкото Собрание, во јавноста сме биле прикажани како бугарска или пробугарска партија, додава Трендафилов.
Тој информира дека ретко, членови на неговата партија се покануваат во емисии, но секогаш кога биле повикани се соочувале со историчари-аматери, со кои објаснувале за историски прашања.
Ѓорѓи Трендафилов е поранешен пратеник, портпарол на Владата и портпарол на Министерството за одбрана, кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ, во периодот од 1998 до 2002 година.