Претседателот на Република Македонија и Врховен Командант на Армијата, Стево Пендаровски, на денешниот брифинг за борбената готовност, кој се реализира во Домот на Армијата во Скопје од страна на Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски беше информиран за состојбата во Армијата на Македонија во текот на 2019 година.
Претседателот Пендаровски за време на информирањето се запозна со степенот на реализација на плановите и задачите во текот на 2019 година по функционалните области: персонален менаџмент и морал, операции, обука и вежби, логистичко обезбедување, планирање, врски и комуникации, буџетирање и цивилно-воената соработка.
Во рамки на брифингот беа истакнати позначајните активности и состојбата во тековната година, пред сѐ во процесот на трансформација и достигнатото ниво на имплементирање на процедурите и обврските поврзани со скорешното полноправно членство во НАТО.
На брифингот присуствуваа и Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, Заменикот на министерот за одбрана Беким Максути, командантите на првопотчинетите единици на Генералштабот, генералите во Армијата, претставници од кабинетот на Претседателот и Министерството за одбрана.
Брифингот на борбената готовност е планска годишна обврска на Началникот на Генералштабот кон Претседателот и Врховен Командант на Армијата за состојбата на борбената готовност во Армијата.