ГЕВГЕЛИЈА

Гевгелиската компанија „Ноел“ ќе ѝ подари ново амбулантно возило на Општата болница во Гевгелија.

– Вработените и менаџментот на оваа компанија оценија дека новонабавеното возило „фолксваген“ за сопствени потреби, во моментот, во услови на пандемија на ковид-19, е многу подобро да се користи како амбулантно возило за здравствениот систем и за граѓаните. Затоа и одлучија возилото да ѝ го донираат на Општата болница, по неговото целосно преадаптирање, притоа нагласувајќи дека е најдобро возилото да се користи поретко – информираат во Општината.

Возилото веќе се преадаптира во специјален сервис за амбулантски возила и ќе располага со најсовремени медицински уреди предвидени за едно амбулантно возило. Се очекува преадаптацијата да заврши до средината на јануари идната година кога и амбулантното возило ќе ѝ биде предадено на Општата болница.

Според директорот на болницата, д-р Митко Крџев, станува збор за значајна донација, особено во услови на зголемен број пациенти заболени од ковид-19 кога збогатувањето на возниот парк на болницата е добредојдено.