Царовска на прва средба со ректорите на универзитетите
Министерката за образование и наука Мила Царовска денес одржа прв работен состанок со ректорите од универзитетите во државата.
Капиталните инвестиции во високоообразовните институции, развојот на науката и научниот кадар беа тема на разговор на состанокот.
Министерката истакна дека МОН ќе ја продолжи и интензивира соработка со универзитетите, но и дека ќе ја почитува автономијата и експертско мислење на академската заедница во носењето на сите важни политики и реформи.
Беше заклучено и дека е неопходна целосна анализа којашто ќе помогне во креирањето политики за подобрување и унапредување на функционирањето на универзитетите и научната дејност во државата.
На состанокот се зборуваше и за стартот на академската година во услови на ковид-19, при што ректорите информираа дека дел од универзитетите ги завршиле, а дел се уште ги прават анкетите на студентите за начинот на реализирање на наставата.