Откога во период од само неколку месеци Кремљ и Пентагон на, се разбира, одвоени воени вежби во регионот ги претставија своите најсовремени оружени системи, во јавноста се наметнаа прашањата за вистинските мотиви за овие маневри
Зошто Балканот е полигон на кој светските суперсили САД и Русија, преку воени вежби, сакаат да ги претстават своите најсовремени оружја и каква порака на овој начин испраќаат моќните армии од нашиот регион. Овие прашања се присутни во јавноста особено откога во период од само неколку месеци Кремљ и Пентагон на, се разбира, одвоени воени вежби во регионот ги претставија своите најсовремени оружени системи.
Хронолошки гледано наназад, најсвежиот пример е од соседна Србија, каде што неодамна се одржа српско-руската воена вежба „Словенски штит 2019“. Токму на воениот полигон Пасуљанске ливаде и на аеродромот „Батајница“, во вежбовните маневри руската армија презентира едни од своите највредни оружја. Станува збор за руските ракетни системи „С-400“ и „Панцир-С“, кои, според познавачите на случувањата, претставуваат најмодерен крик на технологијата во оваа област.
Претходно, во јуни, на воениот полигон Криволак во Македонија, во воената вежба насловена „Одлучен удар“, на која нашата држава беше домаќин, американските и македонските војници изведоа операции на здружени копнени и воздухопловни сили. Она што беше импозантно во овој случај е што на денот за високи гости, на 17 јуни, над Криволак во вежбата учествуваа два американски ловци „Ф-16“, но и стратегиски нуклеарен бомбардер „Б-52 стратофортрес“.
За обележување е и фактот дека во текот, но и веднаш по одржувањето на вежбите и на присуството на модерните оружја на суперсилите, се активираа и локалните политичари. Имено, по претставувањето на руското оружје во Србија, претставникот на Бугарија во НАТО и член на управата на Атлантскиот совет, Сиби Сибев, истакна дека постои можност во Србија да се инсталира руска противвоздушна база, која ќе создаде зона на попречување на пристапот до воздушниот простор во опсег од 400 км и тоа веќе ќе биде проблем не само за Бугарија туку и за НАТО.
Тој нагласи дека Србија има целосно право на модернизација на своите вооружени сили со руско вооружување, но таквата можност предизвикува загриженост.
– Како што Бугарија, Романија и Хрватска имаат програми за модернизација на авионите „Ф-16“, и тоа е нивно суверено право, така и Србија го има истото право. Но прашањето е чувствително, бидејќи сите соседни држави не располагаат со таков модерен комплекс („С-400“) и ако Србија има амбиции да го контролира воздушниот простор над регионот, тоа навистина треба да предизвика загриженост – рече тој.
Претходно, поранешната амбасадорка на Бугарија во САД и членка на одборот на Атлантскиот совет на Бугарија, Елена Поптодорова, изјави дека Ниш очигледно е руска воена база во Србија, а поранешниот шеф на бугарската дипломатија Соломон Паси, преку Твитер и Фејсбук, ја повика Европската комисија да обрати внимание на руската активност во Србија.
Од друга страна, пак, за време на одржувањето на македонската вежба, српските медиуми информираа со негативен тон за случувањата, велејќи дека во соседството се вршат воени вежби со авиони со кои во 1999 година беше бомбардирана Србија.
Во сублимиран заклучок, експерти со кои се консултиравме велат дека последните воени маневри и случувања во регионот се доказ оти големите сили и натаму не се откажуваат од својата трката за влијание во регионот. Прикажувањето, пак, на супероружјата на воените вежби, според експертите, е своевидна реклама за нивна продажба, која на ваков начин најлесно допира до потенцијалните држави купувачи.
Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски тврди дека сите сме свесни дека Балканот традиционално бил и најверојатно и натаму ќе биде место каде што се прекршуваат политичките, економските и воените интереси на големите сили. Стефаноски додава дека Балканот не случајно е избран за место каде што се промовираат руските ракети и американските бомбардери, бидејќи нашиот регион е блиску до срцето на Европа и оттука пораката најлесно може да допре до секој дел од светот.
– Јас лично сметам дека овие модерни оружја беа презентирани тука поради две причини. Едната е да покажат кој е шефот на регионот, а втората е нивните оружја да им бидат комерцијално понудени на потенцијалните купувачи. Сите знаеме дека во моментов во светот владее клима на голема несигурност, а токму во вакви услови најмногу се профитира од продажба на оружје и оружени системи – вели Стефаноски.
Универзитетскиот професор Методи Хаџи-Јанев, пак, овие случувања ги објаснува со фактот дека големите играчи ги изведуваат воените вежби и ги покажуваат модерните супероружја во регионот поради оперативни мотиви.
– Поаѓајќи од доктрината за одвраќање на соперниците, големите играчи на овој начин настојуваат да демонстрираат моќ со која на потенцијалните непријатели би им сигнализирале дека тие се подготвени да дејствуваат со сила доколку се јави потреба за тоа. Па, за таа цел, во оперативните планови, оваа фаза на дејствување на суперсилите со спроведување на вежбовни активности, во науката најчесто се нарекува процес на оформување на борбениот простор. Тоа значи дека во тие моменти се преземаат активности, мерки и постапки што ќе обезбедат воените сили да прераснат во инструмент на политичка моќ доколку се јави потреба за тоа – вели Хаџи-Јанев
Професорот објаснува дека натаму овие вежби, освен за демонстрација на моќ, се користат и за воено дејствување во согласност со меѓународното право, но и заради собирање податоци за воена употреба.