Алијансата „Разбистри сè“, реагирајќи на коментари изнесени во јавноста, преку соопштение ја информира јавноста за досегашната соработка со Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) и со досегашната в.д. директорка Ана Петровска која вчера беше разрешена од функцијата.

Во Алијансата „Разбистри сè“ е вклучен и активно учествува Државниот инспекторат за животна средина, кој се приклучи како партнер во уште во декември 2020 година. ДИЖС учествува во неформалното тело „Граѓански инспекциски совет“, кој се основаше со меморандум за соработка во јануари 2021 година, а кој беше формиран со цел интензивирање на соработката меѓу граѓанските организации во областа од животната средина и државниот инспекторат, особено во делот на подобрување на инспекциските надзори и процедурите поврзани со нив. Заедно со ДИЖС ја создадовме апликацијата за пријавување на загадувачи, со што пријавувањето на загадувачите стана полесно за граѓаните. Во моментов се работи на создавање на база на загадувачи со Б интегрирани еколошки дозволи, со што ќе се подобри координацијата на инспекциските служби на државно и локално ниво.

За времетраење на кампањата, Алијансата излезе со повеќе извештаи и наоди за работата на институциите кои вршат надзор и контрола врз искористувањето на водата и минералните суровини, меѓу кои и за ДИЖС. Овие наоди и препораки беа објавени со цел подобрување на ефикасноста на инспекторатот и зајакнување на инспекциските надзори, а во ниту еден случај не претставуваат сеопфатна анализа за работата на ДИЖС во краткиот временски период во кој в.д. директорка беше Ана Петровска.

Потенцираме дека во изминатиот период соработката со ДИЖС и со в.д. директорката Ана Петровска се одвиваше секојдневно и истата беше на високо ниво. Оттука, повикуваме да не бидат злоупотребувани наодите од нашата работа во насока на оправдување на разрешувањето на в.д. директорката, со што се подрива довербата на граѓанските организации во институциите. Истовремено, изразуваме жалење за одлуката на Владата да ја разреши директорката Ана Петровска.