Претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Александар Петличковски изјави дека кај нас се уште официјално не е регистрирана подваријантата на ковид кракен, меѓутоа многу е веројатно дека е тука. Утре се очекуваат резултати од секвенционирање на десетина примероци.
– Во тек е во моментов нова рунда на секвенционирање на неколку десетина примероци. Очекуваме утре да имаме резултати од тоа секвенционирање. Не е исклучено помеѓу некои од примероците да се појави и Кракен варијантата. Добро е што сите податоци што досега ги имаме укажуваат дека повторно се работи за една варијанта која предизвикува благи симптоми и не очекуваме неговото ширење драстично да го оптерети здравствениот систем – изјави д-р Петличковски за Тема на денот на Сител телевизија.
Тој тврди дека нема простор за загриженост помеѓу граѓаните.
Според д-р Петличковски, епидемиолошката состојба во земјата е стабилна, а сезоната на инфлуенца започна пред две недели и би требало да трае седум – осум недели.
– Сѐ уште се движиме кон врвот, сезоната годинашаната на инфлуенца започна пред две недели и би требало да трае седум – осум недели, но според податоците од соседните земји, веќе се приближуваме на некое плато. Ова топло време не погодува многу за ширењето на грипот, така што можно е за скоро недела – две да го достигнеме максимумот. Притоа овој максимум не се разликува од максимумите кои години наназад просечно ги достигнуваме што значи ништо не очекувано во овој момент не се случува – изјави д-р Пеличковски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со зголемениот број лица со респираторни проблеми.