Фото; МИА

Укинување на мерката за задолжително носење на маски во затворен простор со исклучок на здравствените установи, домовите кои згрижуваат постари лица, аптеките и јавниот превоз, како и укинување епидемиолошкото следење на контактите и последователната препорака за изолација на контактите, се препораките кои денеска на состанок ги донесе Комисијата за заразни болести (КЗБ).

– Денеска имавме редовен состанок на Комисијата за заразни болести. Најпрво ја разгледавме епидемиолошката состојба во државата и заклучивме дека моменталните услови ни овозможуваат да размислуваме за намалување на рестриктивните мерки и се согласивме да препорачаме укинување на мерката за задолжително носење на маски во затворен простор. Од оваа мерка се исклучок здравствените установи, домовите кои згрижуваат постари лица, аптеките и јавниот превоз. За овие четири затворени објекти или како да ги класифицираме останува задолжителното носење на маски. Од сите останати затворени простори маските може да се носат само по желба на индивидуите, но задолжително носење не се практикува веќе – истакна на прес-конференција претседателот на Комисијата, Александар Петличковски.

Тој посочи дека станува збор за две крупни промени.

– Како што зборувавме повеќе недели наназад, ние ја проценуваме епидемиолошката состојба и планираме постепено олабавување на мерките, бидејќи не сакаме наеднаш да се соочиме со зголемен ризик. Овие препораки ги препраќаме до Главниот кризен штаб – додаде д-р Петличковски.