Во ковид-центрите во земјата минатата недела се лекувале помеѓу 1.300 и 1.400 пациенти, болниците и понатаму се под голем притисок, но слободни кревети постојано има, изјави министерот за здравство, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција во Владата.

– Добро се менаџира делот на хоспитализацијата на пациентите. Имаме речиси 150-200 слободни кревети на територијата на целата држава секој ден последователно повеќе од една недела. Вчерашната анализа на Р0-факторот на преносливост упатува на некои позитивни трендови, првпат по подолго време, тоа е под 1, односно изнесува 0,95 – истакна министерот Филипче.

Сепак, овие бројки, смета тој, се нешто што не треба да нè опушти поради тоа што имаме голем број заболени и сè уште има сериозно голема бројка на дијагностицирани пациенти секој ден.

– Не смееме да си дозволиме поинаков пристап што може да доведе до влошување на ситуацијата. Ја следиме и состојбата во регионот и иако има некои трендови на забавување, во регионот сè уште има голем број новодијагностицирани и починати лица – изјави Филипче.

Информациите од соседството покажуваат дека во Хрватска во изминатото деноноќие имало 65 починати, 44 во Словенија, а 60 во Грција. Во однос на модуларните болници, министерот истакна дека се во фаза на поставување.

– Во Гевгелија е завршена инсталацијата, сега следуваат модуларните болници во Штип, Кичево, Струга, Битола. Спремна е подлогата и во Струмица. Тоа е нешто што се очекува во следниот период со оваа динамика да продолжи. За жал, има одредено доцнење поради блокадата на опозицијата во техничката влада – објасни Филипче.