Фото: Архива

Да не се купуваат лекови без потреба и да се применува телефонска и електронска комуникација помеѓу осигурениците и здравствените установи. На ова апелира Фондот за здравствено осигурување на Македонија со цел спречување на ширењето на коронавирусот.

Нивниот апел го пренесуваме во целост.

„Да се применува примарно телефонска и електронска комуникација помеѓу осигурениците и здравствените установи, освен при неодложна здравствена потреба.

Осигурениците да ги почитуваат стручните препораки кои ги добиваат од матичните лекари според здравствените потреби за зачувување на здравјето и за правилно лекување.

Да не се бара упатување и да не се посетуваат специјалистите заради продолжување на хроничната терапија, бидејќи сите специјалистички извештаи, конзилијарни мислења и отпусни писма издадени во 2019 година ќе важат до завршување на важење времените мерки.

Осигурениците да не инсистираат и да не бараат матичните лекари да им пропишуваат лекови на рецепт без медицински индикации (по нивна желба и кои не им се потребни).

Осигурениците да ги почитуваат стручните фармацевтски препораки кои ги добиваат во аптеките за начинот на правилна употреба на лековите и другите фармацевтски или медицински производи кои ги користат.

Осигурениците да не купуваат лекови непотребно, односно да не прават непотребни залихи на лекови во нивните домови.

Да не се посетуваат масовно аптеките и матичните лекари, особено не во првите денови од месецот бидејќи лекови на рецепт на товар на Фондот има во доволни количини во промет одобрен од Агенцијата за лекови и медицински средства.

Да се однесуваме сите одговорно и без паника со што ќе го заштитиме нашиот здравствени систем, а со тоа и сите нас како граѓани. Само со заеднички напори може да се обезбеди поквалитетна здравствена заштита за сите“, велат од Фондот.