Првиот авион од вкупната пратка од 500.000 дози вакцини, што ги купивме од производителот „Синовак“, слета утрово на скопскиот аеродром, објави на социјалните мрежи, министерот за здравство, Венко Филипче.

Тој нагласи дека во текот на денот се очекува да пристигнат и останатите количини.

„Благодарност до Народна Република Кина за заложбите да ја добиеме оваа поголема количина на вакцини и за точноста во испораката на истите“, напиша Филипче на „Фејсбук“.

Деновиве во земјава пристигнаа и 100.620 дози од вакцините „Фајзер“ што се набавени преку Ковакс-системот.

Министерот Филипче најави дека во текот на следните денови вакцинацијата ќе се одвива со забрзано темпо и оти ќе бидат вакцинирани сите пријавени граѓани преку сајтот вакцинација.мк.