Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во улога на Национален координатор на странска помош во земјава, а во присуство на полскиот амбасадор, Војциех Тицињски, денска во касарната „Илинден“ ја прими донацијата која Република Полска ја обезбеди за нашта земја како поддршка во борбата против ковид-19.

Се работи за заштитни и дезинфекциски средства, поточно над 100 илјади заштитни маски и над 10 илјади литри средства за дезинфекција.

– Не станува збор само за производите, туку и за транспортот во специфични услови и предизвици, кој е целосно организиран од страна на Државната противпожарна служба на Полска, за да можат овие производи да стигнат овде во Скопје – истакна Османи, притоа упатувајќи благодарност до Амбасадорот Војциех, до Владата на Полска, до Државната противпожарна служба, но и до полските граѓани за нивната несебичност и солидарност во време на криза, со што само се потврдува поддршката која Република Полска во континуитет ѝ ја пружа на Република Македонија.

– Влегувме во втората и третата фаза од стратегијата на Владата за борба против ковид, која претставува ослободување на движењето на граѓаните, но со построга примена на препораките во кои едни од најважните се токму носењето маски и честата дезинфекција, како на рацете така и на површините. Со самото тоа полската помош токму во маски и средства за дезинфекција пристигна во вистинско време и за вистинска намена, имајќи предвид дека во периодот што следи ќе имаме потреба овие средства во големи количини – додаде Османи, при што потенцираше дека денешната помош од Полска не претставува случајност, туку континуитет на добрите меѓусебни односи, бидејќи Полска обезбеди поддршка за земјава преку Црвениот крст и за време на кризата со поплавите од 2016 година.

Денешната донација од Република Полска е дел од конвојот хуманитарна помош која Полска ја обезбеди за сите шест земји од Западен Балкан, во насока на полесно справување со пандемијата предизвикана од ковид19.