Фото: Игор Бансколиев

СИМПТОМАТИЧНИ ПОДАТОЦИ НА ДРЖАВНИОТ ЗАВОД
ЗА СТАТИСТИКА ЗА МОРТАЛИТЕТОТ ВО МАКЕДОНИЈА

Ако 11 проценти се директно поврзани со ковид-19, од што починале преостанатите 15 проценти? Дали овие случаи се на некој начин поврзани со функционирањето на здравствениот систем во услови на пандемија (поточно со затворените болници, освен за итни случаи)? Каква ќе биде 2021 година и дали ќе следуваат и други години со натпросечна смртност? Сите овие прашања се предмет на анализи што ќе треба да ги направат здравствените власти

Ковид-19 е трет причинител за смртност во пандемиската 2020 година, со околу 11 отсто од вкупниот број на смртните случаи во земјата. Но Државниот завод за статистика измери дека на овие 11 проценти има уште други 15 отсто, кои севкупно ја прават оваа година рекордер по смртни случаи на годишно ниво од независноста на Македонија. Ако 11 проценти се директно поврзани со ковид-19, од што починале преостанатите 15 проценти?

Дали овие случаи се на некој начин поврзани со функционирањето на здравствениот систем во услови на пандемија (поточно со затворените болници, освен за итни случаи)? Каква ќе биде 2021 година и дали ќе следуваат и други години со натпросечна смртност?

Сите овие прашања се предмет на анализи што ќе треба да ги направат здравствените власти. Јавноста очекува одговори, бидејќи станува збор за сериозни бројки, за кои мора да има прецизни анализи.

Според податоците на Државниот завод за статистика, изминатата 2020 година бројот на умрените лица е зголемен за 26 отсто во однос на претходната година и изнесува 25.775 умрени лица. Над 5.000 лица починале повеќе од претходната година, што е највисока бројка на морталитет во последните три децении.

Инаку, лани најмногу починале во ноември, кога беше и кулминацијата на пандемијата. Ако просечно на месечно ниво во земјава се регистрирале околу 1.600 смртни случаи, во ноември бројката изнесува 3.847, што е за дури 243 отсто над просекот. Со тоа, црната статистика во Македонија е далеку над европската, која во кулминацијата во ноември регистрирала пораст на умрените за 40 отсто.

Нередовни прегледи – зголемен ризик

Според официјалните податоци, како директна последица од ковид-19 починале речиси 11 отсто од вкупната бројка. Предничат болестите на циркуларниот систем, со 41 отсто и туморите со 15 отсто од вкупниот број починати.
Докторите велат дека тоа што за време на пандемијата немаше термини за третирање на другите болести дополнително ги зголеми црните бројки.

Матичната докторка Лилија Чолокова Дервишова, претседателка на Здружението на приватни матични доктори во земјава, вели дека изминатата година и пол како здравствени работници што работат директно со пациентите ги детектирале сите недостатоци во здравствениот систем.
– Немаше термини за секундарно и терцијално здравство. Голем дел од пациентите со кардиоваскуларни заболувања, инфаркти, не можеа да дојдат до контролни прегледи. Исто таков беше случајот и со пациентите со малигнитети. Немаше термини со месеци за ехо на простата, на дојка. Граѓаните плашејќи се да одат на лекар поради коронавирусот, добија други болести – посочува докторката.

Според неа, сега букнуваат патологии со карциноми на дојка, дебело црево, бели дробови. Вели дека како здружение постојано алармирале дека главниот фокус не треба да биде само ковид-19, како и дека здравството треба да се осврне и на другите болести.

Најмногу смртност во Скопје и во околината

Демографот Дончо Герасимовски вели дека што се однесува до морталитетот или бројот на умрените лица, тој во 2020 година е најголем и изнесува 25.755.
– Во 2019 година биле починати 20.466, а во 2010 година – 19.113. Разликата во однос на 2019 година е 5.309, што навистина е голема бројка споредено со која било претходна година. Причината за овој број на починати лица, секако, треба да се бара и во пандемијата, за која ќе можеме да анализираме по објавувањето на податоците за причините за смртноста. Најмногу умрени лица по региони има во Скопскиот, Пелагонискиот, Полошкиот и во Југозападниот. А во однос на општините, најмногу се умрени во: Битола, Куманово, Прилеп, Тетово, Чаир, Гостивар, како и во руралните општини каде што има и помалку население како Вевчани, Зрновци, Лозово Ранковце, Конче, Карбинци, Центар Жупа итн. – посочува Герасимовски.

Според него, во однос на состојбата по општини, во 67 општини има негативен природен прираст, а само во 13 позитивен.
– Наведените демографски состојби во нашата земја треба посериозно и со загриженост да се разгледаат, да се анализираат од сите аспекти и да се преземат сериозни мерки и активности преку изработка на една стратегија. Истовремено, надлежните институции треба да посветат повеќе внимание на овие појави од повеќе аспекти, кои се во нивна надлежност. Овие пораки постојано ги посочувам, пишувам, кажувам, коментирам за доброто на иднината на државата – посочува демографот.