Oд Министерството за здравство соопштија дека мрежата „Комонтраст“ (CommonTrust) и Светски Економски Форум, во рамки на проектот „Комонс проџект“ (The Commons Project) ja создале апликацијата „Комонпас“ (CommonPass), со цел воспоставување на интероперабилна платформа за взаемно признавање на вакциналните потврди и лабораториските тестови за ковид-19 меѓу државите.

Министерството за здравство се приклучува кон мрежата и, како што појаснуваат од оваа институција, со овој чекор, на македонските граѓани ќе им се зголемат можностите за добивање на дигитален здравствен сертификат во согласност со глобалниот стандард „Смарт хелф кард“.

– Тоа за граѓаните ќе значи дека тие ќе може да го документираат ковид-19 статусот со цел да може да патуваат во други земји и да одговорат на барањата на граничните премини на други држави, истовремено штитејќи ја нивната приватност. Со „Комонпас“ на едноставен начин може да ги преземат резултатите од направениот ковид-19 тест и вакцинална потврда, и да го покажат здравствениот статус на влез во друга држава без да откриваат други лични здравствени информации – информираат од здравство.

За таа цел, во знак на поддршка, Министерството за здравство ќе ги информира сите релевантни структури кои се директно или индиректно инволвирани во областа (Институт за Јавно Здравје и сертифицирани државни и приватни лаборатории) за намената на оваа апликација и можностите кои таа ги нуди, додаваат од таму.

– Министерството за здравство ги охрабрува сите заинтересирани институции, установи и лаборатории, директно да контактираат со мрежата „Комонтраст” со цел приклучување на базата на акредитирани и сертифицирани установи – партнери на „Комонпас“ кои ќе можат да издаваат потврди од тестови со кјуар-код, кој потоа граѓаните ќе го скенираат во своите мобилни телефони со цел креирање на дигитална потврда. На овој начин, установите и лабораториите ќе можат за корисниците на апликацијата да издадат потврди кои ќе бидат признаени како вистински, релевантни и доверливи на интернационално ниво – потенцират од МЗ.

– Со воведувањето на ваква апликација, на македонските граѓани им се овозможува флексибилност во изборот на провајдерот и начинот на кој ќе добијат бесплатна дигитална потврда за нивниот статус на имунизација и за резултатите од направените ковид-19 тестови. Сите заинтересирани кои сакаат да се вклучат во мрежата на „Комонтраст” ќе имаат техничка и административна поддршка на апликацијата на македонскиот пазар. Започната е комуникацијата со акредитирани установи кои се заинтересирани да се приклучат кон оваа иницијатива – велат од ресорното министерство.

Од таму, ги упатуваат сите заинтересирани граѓани да прочитаат повеќе информации за самата апликација на следната интернет-страница.