Фото: Зоран Антоски

Ни прекрасното и сончево време, деновиве не им го разубави месец март на граѓаните на Кичево. Тие целосно се преокупирани на заштитата од Коронавирусот, вирусот во последниве триесетина дена се прошири во над 100 земји. Улиците се празни а на нив се наоѓаат единствено граѓаните кои имаат неодложни обврски, додека сите останати претежно седат дома и ги следат најновите вести.

И во Кичево се почитуваат препораките на Владата за затворање на локалите во 18 часот а во продавниците се пазари, но не со таков интензитет како што може да се види на малите екрани а снабденоста со неопходните намирници во градот деновиве  е сосема задоволителна.

– Од времето на Вариола вера до денес не сме почувствувале ваков страв од една епидемија. Токму ова сознание не присили и во ова сончево време да бидеме претежно дома и само за одредени потреби излегуваме надвор. Стравот е предизвикан пред се од сознанието што процентот на смртност од овој вирус е висока и, тешко може  за кратко време да се детектира дали разговарате со здрав или болен човек. Да почекаме да поминат наредните триесетина дена па ќе знаеме на што сме, дали опасноста од вирусот е намалена или ќе треба и понатаму да се придржуваме на досегашните препораки -велат Петар и Трајан, пензионери од Кичево.

Како и во сите градови и во Кичево во аптеките најмногу се барани  заштитнте маски, ракавици и средства за дезинфекција а истите тие артикли граѓаните ги  купуваат и во маркетите. Такси возилата се сè попразни и практично во овој период од месец март интензитетот на живот во Кичево  далеку под вообичаеното ниво. Вработените во културата ги откажаа сите претстави  и ги ставија во мирување активностите  во оваа свера.     

Фото: Зоран Антоски