Едно лице денес е упатено на испитување за коронавирус и секој момент ги очекуваме резултатите. Ова е втор случај што се зема брис за проверка од коронавирусот во Прилеп. Во изолација се над 160 лица, а поднесена е уште една кривична пријава против лице кое не почитувало мерки на самоизолација, односно не седело дома, со што вкупната бројка на поднесени пријави е осум. На седум места преку матичните лекари ќе се земаат брисови за тестирање, изјави градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски.

Тој потенцираше дека Општинскиот кризен штаб е во постојано заседание.

– Пропишаните мерки за заштита во Прилеп се почитуваат. И полицискиот час кој стартуваше од синоќа се почитуваше. Полицијата нема забележано нерегуларности од страна на граѓаните. Низ градот има шест патролни екипи. Општина Прилеп прави напори да ги задоволи побарувањата за заштитни маски. До денес распределивме 9.500 маски. Имаме уште неколку илјади маски, со што ќе се задоволат потребите на здравството, во јавните претпријатија и институции на кои се најнеопходни. Очекувам компаниите да излезат во пресрет. Имаме неколку компании кои ја покажаа својата општестевна одговорност за донации кои се доставени до Црвениот крст – посочи Јованоски, истакнувајќи ја благодарноста до компаниите што шијат маски.

Ирена Јакимоска, претседател на Регионалнста стопанска комора, посочи дека се во постојана комуникација со фирмите.

– Набавуваме непходни средства за хигиена за да излеземе во пресрет на најранливите категории граѓани. Професионални и одговорни треба да бидеме во стопанството. Она што го посочив за мојата фирма „Комфи ангел“ е: нема отпуштање на вработените. Заедно ќе истраеме во ова. Шестотини и седумдесет вработени од фирмата направија квалитетна компанија, таа сега ќе им врати. Не прекинуваме со производството. Апел до сите компании да ја следат препораката. Мерките што се нудат заедно со Комората да се донесат да не се наштети на буџетот и да не имаат проблеми компаниите – посочи Јакимоска.

Инаку, прилепската фирма ќе произведува маски и за продажба. За рачно производство месечно можат да прозведат 200.000 парчиња , а ќе продолжат и да прозведуваат скафандери за потребите на здравството и за општината. Воедно, определени производи ќе бидат донирани.

– Во овој момент е потребно преструктуирање на дел од производството за излегување во пресрет на потребите на граѓаните и на здравството – рече Јакимоска, истакнувајќи дека за недела и пол ќе им стигне нова машина за машинско производство на маски, кои ќе бидат сертифицирани. Ка.М.