Фото: Игор Бансколиев

Зелената партија ДОМ апелира Владата да ја преиспита одлуката за носење уредба со законска сила, со која групирањето над пет лица на јавни места и површини ќе се смета за кривично дело.

– Сметаме дека со изрекувањето мандатни казни за групирање, како и за неодржување растојание од најмалку два метра и неносење заштитна опрема, би се постигнала целта за поголемо почитување на мерките за заштита од коронавирусот – објаснуваат од партијата.

Од ДОМ велат дека начелно ги поддржувааѕ мерките кои Владата по препорака на Комисијата за заразни болести ги носи со цел заштита на јавното здравје од коронавирусот.

– До сега превземените мерки даваат позитивни резултати во спречување на ширењето на вирусот. Епидемиската крива е со линеарен раст и здравствениот систем има капацитет да го пружи потребниот третман на заболените од ковид-19 – констатираат од партијата.

Сметаат дека воведувањето порестриктивни мерки во градовите каде согласно епидемиолошките проценки има потреба, како Куманово, Тетово и Прилеп ќе придонесат за поефикасна заштита на здравјето на населението, но за останатите населени места, каде постои можност за тоа, од партијата предлагаат полицискиот час да трае пократко, од 19 до 5 часот.