Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, рече дека општината останува на барањето во Куманово да се прогласи карантинска зона со контролиран влез и излез од градот и дополнително вршење дезинфекција на тие пунктови.

Тој кажа дека ќе се изврши дополнителна дезинфекија на локациите и околината каде што живеат лицата кои имаат коронавирус.

– Апелирам до граѓаните на смиреност. Ова е борба во која учествуваме сите и сите треба да дадеме свој придонес. Единствено тоа ќе го направиме со останување дома, да го намалиме своето движење на минимум – кажа Димитриевски.

Тој потенцира дека одредени граѓани не го почитуваат тоа.

Исто така, Димитриевски апелира до сите трговци што продаваат храна да воведат сервисни услуги и да вршат достава до дома, а вработените задолжително да користат заштитна опрема, односно маска и ракавици.

Вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со ковид-19 во Македонија е 177 лица од кои 11 се од Куманово, а во градот има и смртен случај од вирусот.

Меѓу заболените во Куманово има двајца доктори и две медицински сестри, кои биле во контакт со починатата пациентка во кумановската болница, кај која вирусот беше дијагностициран постхумно, откако два тестови кои биле направени додека се лекувала биле негативни.

Вчера владата на седница донесе забрана за влез и излез од и во подрачјето на територијата на општина Куманово со градски и меѓуградски патнички и железнички јавен превоз.