Министерството за надворешни работи информира дека денеска беше организиран лет за репатријација на вкупно 160 македонски граѓани од Брисел и Париз (Бове).

Ова е досега 11-ти специјален лет откако на 22 март Министерството за надворешни работи го организираше првиот чартер лет (Валета, Малта) за враќање во земјата на граѓаните затекнати во странство поради пандемијата на ковид-19.

До овој момент, вкупниот број на репатрирани македонски граѓани во организација на МНР, а во тесна соработка со Генералниот секретаријат на Владата, МВР и Министерството за здравство, изнесува 2704.

Од нив 1745 се вратиле со специјалните чартер летови на авиопревозникот Визер, а 214 со хуманитарни конвои, додека пак на 526 граѓани (најчесто затекнати на други континенти), во соработка со министерствата за надворешни работи на повеќе држави и во координација со нашите дипломатско-конзуларни претставништва им беше обезбедено непречено да транзитираат низ неколку држави со цел да дојдат до финалната дестинација, аеродромите во Софија, Солун, Истанбул и Тирана.

– Упатуваме благодарност за солидарноста и соработката до сите земји кои им помогнале на нашите граѓани, вклучително и на Владата на Република Бугарија за вечерашниот лет од Абу Даби до Софија, на кој се наоѓаат и 35 македонски граѓани. Во тој контекст, на летот кон Белгија и Франција, во соработка со амбасадите на овие земји во Северна Македонија, денес помогнавме исто така на 71 странски државјани да се вратат во своите земји – велат од МНР.

Министерството продолжува во рамките на своите надлежности со активностите за безбедно враќање дома на затечени македонски граѓани во странство.