Приказни од самоизолациjа

Одбирам да поминам квалитетно време со семејството

Со оглед на тоа дека мојата работна позиција е во медиум, работните обврски продолжија како и во нормални услови, па затоа во ниеден момент не ја почувствував комплетната изолација. Не можам да кажам дека целата ситуација не предизвикува страв, ниту дека едноставно и лесно се научивме да живееме со ограничувања. Сепак не можам да го разберам и целиот тој револт кај луѓето што постојано се жалат од фактот што се затворени во своите домови.

Јас домот го гледам како светлина, како простор во кој ние сме вистински она што сме. Дополнителното слободно време ми овозможи да уживам во секојдневните „мали“ работи во домот со семејството. Без постојана трка со времето, слободно можам да уживам во мојот двор, да прочитам книга, а да не биде тоа пред спиење, да играме друштвени игри, кои претходно сите училишни и вонучилишни активности не ни ги дозволуваа.

Иако на многу тежок и суров начин, сепак, човештвото доби шанса да осознае кои се вистинските вредности во животот. И верувам дека на најмногу од нас во целиот склоп на ограничувања не ни недостигаат пијалакот во кафеана, ноќните уживања или патувањата, туку суштинската слобода на движење, прегратка без страв… Она што е без цена, а што најчесто го занемаруваме, а го сфаќаме дури тогаш кога ни е ускратено. Сакам да гледам на сето ова како на една комплетна преродба, секој од нас да извлече убава поука кои се нашите вистински цели и желби во животот. Дотогаш, наместо да се жалам и давам отпор на одлуките на институциите, одбирам да поминам квалитетно време со моето семејство.