Време да ги истражиме нашите соништа

Неодамна ја напуштив својата родна земја и се преселив во прекрасниот Краков, во Полска. Се разбира, одлуката да заминам далеку од моето семејство и моите драги пријатели и колеги не беше лесна. Работата е убав начин да се оттргнеш од негативните мисли, но најубавиот начин, според мене, е да му се посветиш на креативното и детското во себе. Да ги истражуваме оние делови од нас што некогаш сме ги нарекувале соништа. За жал, ова наше френетично работење за егзистенција не ни го дава она што ни е потребно, а тоа е време за да запреме и да го зграпчиме денот на секакви креативни начини.

Кога бев дете се трудев да бидам многу инвентивен. Со моите пријатели градевме мали куќи на дрво од штици и гранки. Сакавме да си направиме простор само за нас. Место каде што времето запираше и каде што нашите сништа и идеи несвесно се раѓаа и оформуваа. Се сеќавам на едно драгоцено време поминато гледајќи во ѕвездите, седнати на покривот на еден стар и запуштен автомобил со мојата другарка Дафина што врежа во мене љубов за науката и фасцинантната историја на нашето постоење во универзумот. Научив дека постојат многу поголеми прашања за животот и дека мора да го користиме нашиот ум за да го направиме светот подобро место.
Постојат многу работи што ме инспирираат.

Може да станува збор за поезија, проза, некоја слика или филм од моето детство. Тоа ме смирува и ми дава утеха во овие моменти далеку од семејството. Кога го имам сѐ уште истиот сон и работам на негово остварување, тоа е одлично чувство. Моето слободно време во оваа состојба, поради пандемијата и моменталниот застој на моето работно место, одлучив да го исполнам во сликање нови дела. За овие дела бев инспириран од универзумот и неверојатната убавина на боите и сите тие случувања документирани со вселенските телескопи.

Филозофите и научниците се трудат да ја објаснат димензијата време со многу интересни тези, но едно е јасно, нашето време на оваа планета е драгоцено. Мораме да го искористиме тоа време гледајќи длабоко во себе или можеби да го кренеме погледот кон небото и она што навистина е фасцинантно и да се инспирираме. За крај би сакал да го споменам Стивен Хокинг, човекот што го помина својот живот споделувајќи ги своите мисли, теории и сништа со целиот свет, секогаш со неговата впечатлива насмевка и хумор, без разлика на тешката болест со која морал да се справува и сите пречки што му ги приредил животот.

Во неговото последно дело тој вели дека науката и образованието се под сериозна закана и ги бодри своите млади читатели: „Свртете го погледот горе кон ѕвездите, а не кон стапалата, обидете се да најдете смисла на она што го гледате и прашувајте се што всушност е универзумот и зошто постои, важно е да не се откажувате, ослободете ја вашата имагинација, обликувајте ја иднината.“

Марко Томиќ, стјуард