Приказни од самоизолациjа

Се соочуваме со промена што е лична, а и колективна

Животот во изолација ни создаде едно поинакво секојдневие. Се препуштивме и ја имаме можноста да уживаме во едноставноста и да се свртиме кон базичните вредности на живеењето. Тоа што овие денови и недели ни е овозможено да го уживаме и да го организираме по наша мера, а инаку ни претставува најголем луксуз, е времето. Време за себе, за најблиските, за другарите и за долги разговори преку телефон, за готвење, за гледање серии и филмови, лично надградување и учење нови вештини, за сите работи за кои инаку никогаш немаме време.

Си создадовме простор во кој можеме да размислиме до каде сме, што сакаме и каде одиме понатаму, да земеме длабок здив од пребрзото темпо што го живееме, да сфатиме дека човечкото влијание е преголемо и разорувачко кон животната средината и да се обидеме да ѝ дадеме здрава шанса на природата да се обнови. Конечно да се ставиме во чекор и баланс со нејзините потреби и текови.

Животот на еден креативец никогаш не мирува, ниту пак неговиот порив за изразување и создавање, во секоја ситуација постои нов предизвик. Деновите на самоизолација ми овозможија да му се посветам на сето она што немав можност да го завршам подолг период, моите магистерски студии, освежување на мојата онлајн -продавница, ми овозможи да се посветам кон осмислување нови проекти и идеи што би се реализирале во наредниот период, како и почнување на новата колекција во вонредни, приспособени домашни услови. Меѓу сите овие активности, му се препуштам на кулинарството и уживам во готвењето и испробувањето нови рецепти, читам, гледам документарци и серии, го уредувам дворот и садам цвеќиња, им се радувам на пролетта и на сонцето.

Заедно се соочуваме со промена што е лична, а и колективна. Промена што ни овозможува да поработиме на себе, да ги рекапитулираме сопствените и колективните искуства и да создадеме терен за нови и позитивни. Да сфатиме дека секоја промена мора да даде нешто добро и, најважно, да го цениме секој момент од живеењето.