Приказни од самоизолациjа

Балансот е најважен во животот

Доброто е што одам на работа. По работата, а тоа гледам да е еднаш во неделата, одам до маркет, па откако ќе се приберам дома единствено излегување ми е шетањето на кученцата. Некако сѐ уште пробувам да се адаптирам. Не сум од оние што ги пука еуфорија поради седењето дома, бидејќи и пред тоа јас ги пронајдов балансот и начинот како да живеам. Сакам организација и слобода, а сега имаш сѐ, освен тоа. Знам дека сѐ ќе помине, не се плашам. Слушам буквално во каков карантин живеат во Шпанија или во Италија и верувам дека неодговорноста на мал процент поединци кај нас нема да нѐ доведе до тој степен.

Не дека седењето дома не е убаво, го знам тоа, бидејќи дома си седев и пред кризава, ќе се согласам дека сега е вистинско време да бидеш сам со себе и да ги правиш работите за кои си немал време, но тоа треба да е така секогаш, балансот е најважен во животот, затоа верувам дека од целата оваа криза секој ќе успее да го научи најдоброто за себе. Имаме време и за шеги, предизвици и објавување сѐ и сешто по социјални мрежи, но велам не дај боже да не можеш ни ѓубре да фрлиш до пред зграда. Е дури тогаш ќе дознаеме што се вистински карантин и мака. Затоа апелирам за одговорно однесување.