Авторка: Хана Девлин

Гардијан

Вистината за пренесувањето на коронавирусот, кој е најизложен и што може да направите за да избегнете инфекција

Тврдење: „маските за лице не функционираат“

Носењето на маската не е целосна гаранција дека нема да се разболите, затоа што вирусите се пренесуваат преку очите и ситни, вирусни честички познати како аеросоли кои можат да ги пробијат маските. Сепак, маските ефикасно штитат од капки преку кои генерално се пренесува коронавирусот, а некои студии проценуваат дека нудат петкратна заштита отколку никаква бариера (иако други истражувања покажуваат пониска ефикасност).

Ако сте биле во близок контакт со заразено лице, маската ја намалува шансата за пренесување на болеста. Ако пројавувате симптоми на коронавирус или сте дијагностицирани, носењето маска ќе ги заштити другите. Затоа маските се од клучно значење за здравствените и социјалните работници во третирањето на пациентите и се препорачуваат за членовите во семејството кои треба да се грижат за некој болен, а идеално е пациентот и негувателот да носат маска. Од друга страна, маските имаат мала функција ако се шетате или патувате со автобус, така што нема потреба да правите резерви.

Тврдење: „вирусот мутира во поопасен тип“

Сите вируси мутираат со текот на времето, а истото важи и за вирусот што го предизвикува ковид-19. Ширењето на различните типови зависи од природната селекција, а типовите кои брзо и ефикасно се размножуваат во телото се сметаат за „најуспешни“. Ова не значи дека се најопасни за луѓето, затоа што вирусите кои брзо убиваат луѓе или силно ги разболуваат и онеспособуваат имаат мали шанси за пренесување. Генетичката анализа на кинеските научници на 103 примероци од вирусот, земени од пациенти во Вухан и други градови, покажува дека на почетокот имало два типа со ознака Л и С. Иако типот Л бил пораспространет од типот С (околу 70 отсто од примероците припаѓаат на првиот тип), сепак, вториот тип на вирусот бил постарата верзија.

Тимот зад истражувањето укажува дека типот Л е „поагресивен“ односно се шири побрзо или побрзо се размножува во телото. Сепак, теоријата е шпекулативна во оваа фаза, затоа што сè уште нема директни споредби за да се увиди дали луѓето кои се заразуваат со еден тип на вирусот имаат поголеми шанси да го пренесат или да развијат посериозни симптоми.

Тврдење: „не е поопасен од сезонскиот грип“

Многу поединци кои заболеле од коронавирусот нема да развијат полоши симптоми од сезонскиот грип, но целокупниот опис на болеста, вклучувајќи ја и стапката на смртност, изгледа посериозно. На почетокот на епидемијата, очигледната стапка на смртност може да се прецени ако се пропуштат голем број на случаи со слаби симптоми на болеста. Но оваа недела еден експерт на СЗО порача дека не важи истото за ковид-19. Брус Ејлворд, кој ја водеше меѓународната мисија во Кина за да го испита вирусот и одговорот на државата, вели дека доказите не упатувале оти гледаме само мал дел од проблемот. Ако се заклучи од понатамошното истражување, ова може да значи дека тековните процени за околу еден отсто смртност се точни. Според тоа, ковид-19 има 10 пати поголема смртност од сезонскиот грип, за кој се проценува дека на годишно на светско ниво ќе убие меѓу 290.000 и 650.000 лица.

Тврдење: „ги убива само постарите лица, младите можат да здивнат“.

Повеќето кои не спаѓаат во категоријата на постари лица и немаат хронични заболувања, нема да развијат сериозни симптоми на ковид-19. Но болеста сè уште има големи шанси да доведе до посериозни респираторни симптоми за разлика од сезонскиот грип, а исто така постојат и други ризични групи како здравствените работници кои се поизложени на вирусот. Мерките кои ги преземаат младите и здрави лица, како што е пријавувањето на симптоми и инструкциите за карантин, ќе одиграат клучна улога во штитењето на најранливите категории во општеството и ќе влијаат врз текот на болеста за време на епидемијата.

Тврдење: „доволно е да се биде 10 минути во контакт со заразено лице“

За грипот, некои болнички препораки ја дефинираат изложеноста меѓу 1,5 и 2 метри растојание од заразениот кој кива или кашла 10 минути или подолго. Сепак, можно е да се заразите во пократка интеракција или да го добиете вирусот во допир со заразени површини, иако ова е не толку чест начин на пренесување.

Тврдење: „вакцината ќе биде готова за неколку месеци“

Научниците брзо започнаа со развивањето на вакцина за новиот коронавирус со помош на раното издвојување на генетската секвенца на кинеските истражувачи. Со брзо темпо се работи на развојот на ефикасна вакцина, со тоа што неколку тимови сега спроведуваат тестови на животни. Сепак, подолго можат да траат низата тестирања што се потребни пред пуштањето на вакцината, а едно од нив е тестирањето да се откријат и ретки несакани ефекти. Може да се очекува официјална вакцина во рок од една година или помалку.

Превод: Билјана Здравковска