Клучот на успешниот пристап во борбата против коронавирусот е во тестирањето и дисциплината

РАЗГОВОР СО ХРВАТСКИ ПРОФЕСОР ВО ЈУЖНА КОРЕЈA

Моделот на Јужна Кореја за израмнување на кривата на експоненцијалниот раст на бројот на заразени од коронавирусот за пример го земаат многу држави во светот. Иако Јужна Кореја и понатаму мора да ги контролира заразените, мерките што се таму сѐ уште во сила, за некого може да звучат како преголемо навлегување во приватноста. За јужнокорејскиот модел разговаравме со Борис Шкворц, професор на Универзитетот во Сплит, кој моментално престојува во Кореја како раководител на Центарот за компаративни и корејски студии.

– Во Јужна Кореја моментално нема експоненцијален раст, така што може да се каже дека состојбата е многу добра. Меѓутоа, бројот на заразените и понатаму се зголемува, но, во бројки, многу помалку отколку во Европа. Секој ден се бележат стотина нови случаи на 51 милион жители. Мобилните телефони по цел ден даваат сигнал дека некаде е детектиран нов случај, каде се движело тоа лице и така натаму.
Од самиот почеток немаше карантин. Корејците се исклучително дисциплинирани и во кризни ситуации ѝ веруваат на својата влада. На почетокот, кога бројките беа застрашувачки и кога беше пробиена првата линија на одбраната преку христијанската секта во Даегу (каде што едно време, сепак, имаше карантин), мене лично ми изгледаше дека власта ја испушти контролата.

Меѓутоа, тие работеа на тестирање и воспоставување линија на заразата. На пример, кога со тестирање ќе се открие нов случај, во рок од десет минути, преку податоците на мобилниот и на банкарските картички, се откриваат сите контакти во последните две недели и на тие луѓе им се испраќа соопштение дека мораат да одат во самоизолација. И тоа се почитува во целост. На пример, кога јас би пријавил дека имам симптоми, би добил известување да почекам три дена дома, во комплетна самоизолација, а сопругата да се одвои и да биде во изолација.

Во меѓувреме би се детектирало со кого сум бил во врска, или во непосредна близина, па и на тие лица би им била пропишана мерка за изолација. Тестирањето се спроведува по три дена, а потоа се преземаат соодветни мерки. Примерот на Кореја, значи, е во тестирањето и дисциплината, како и почитувањето на субординацијата во време на криза. Како пример за ова можам да наведам дека во ниеден момент не беше запрен јавниот превоз, дека немаше никакви недостатоци, турканици или рестрикции во продавниците. Во таа смисла, карантин воопшто немаше. Од друга страна, сите и насекаде носат маски, нема доближување, продавниците работат, немаше никакви рестрикции. Но улиците се главно празни и луѓето го извршуваат само она што се мора.

Какви упатства се дадени моментално за заштита од коронавирусот?
– Како прво, во Кореја сите и насекаде носат заштитни маски за лице, а во секоја продавница или јавен простор се наоѓа и средство за дезинфекција на рацете. Во сите поголеми простори има термални камери што ја мерат температурата, на пример во поголемите продавници, на влезовите во сите згради на универзитетот и така натаму. Нема јавни собирања и треба да се заврши само она што се мора. Луѓето одат во природа, но не се доближуваат едни до други, а јавниот превоз го користат само оние што мораат. Се разбира, препораките за миење раце и социјална дистанца се исти како и кај нас, но нема никакви репресивни мерки. Училиштата и универзитетите се затворени, а работат речиси сите локали, вклучувајќи ги и рестораните и фризерските салони.

Морате ли и вие да користите апликации и посебни дигитални регистрации при користењето на јавните простори (на пример влегување во ресторан, кафуле и сл.)? Чувствувате ли дека со тоа се крши некоја ваша или туѓа приватност?
– Никој овде не прашува за вашата приватност. Се контролира вашето движење, се очекува со себе да носите мобилен телефон за во случај еден ден вашиот тест ако биде позитивен да можат да се откријат сите ваши контакти или да се детектира дека сте биле во контакт со заразено лице. Тоа никој не го оспорува. Не мислам дека сега приватноста е на прво место. Сите би сакале да бидат како Кореја, што се однесува до начинот на кој заразата е „смирена“. Но никој не би ја кршел приватноста. Што ќе се случи со тие податоци во иднина, тоа е веќе друго прашање. Кога еднаш ќе дојде до контрола, дали потоа таа ќе се намалува? Но не мислам дека во еден ваков краток разговор можеме да го расправиме тоа детално.

Се чувствувате ли сигурно дека коронавирусот веќе не е закана за секојдневниот живот во Јужна Кореја и сметате ли дека периодот на борба ќе трае и понатаму? Какво е чувството во општеството, дали се раѓа поголема доверба меѓу луѓето, постои ли доза на внимание?
– Не, не мислам дека сопругата и јас се чувствуваме сигурно. Напнатоста е во воздухот, борбата трае. Од една страна, луѓето имаат доверба во постапките на оние што се задолжени за оваа ситуација, но, од друга страна, постои чувство дека уште ништо не е решено. Луѓе остануваат без работа, се урива вредноста на пензиските фондови, кога ќе се забави растот на бројките на заразените почнуваат да се отвораат други прашања, исто така тешки. А никој не е сигурен ниту дека пандемијата е скротена.

Што може хрватскиот модел за спречување на ширењето на заразата да научи од јужнокорејскиот? Сметате ли дека хрватскиот модел е доволно добар? Што прават тие поинаку?
– Не знам, не сум бил во Хрватска од почетокот на пандемијата. Мислам, меѓутоа, според она што го слушам од пријателите и од печатот дека би требале да сме малку посериозни, поодговорни како поединци. Исто така ми се чини дека главната разлика е во бројот на тестови, тестирани и идентификувани случаи. Ми се чини дека тоа е клучот.
На крајот, сакам да нагласам дека навистина многу зависи од поединците и од нивното однесување во оваа голема криза. Во Кореја, на пример, немаше „заклучување“ како сега во Европа или во текот на февруари во делови од Кина. А сеедно дисциплината и „заклученоста“ на луѓето дома беа максимални. Без обѕир на прописите и културните разлики, ми се чини дека сега никако не е време да се кршат прописите и поединци да бидат себични. Наместо тоа, мислам дека треба да се биде дисциплиниран, да се чувате себеси, а со тоа всушност да внимавате на другите, пред сѐ на постарите, и на можноста сите заедно, во Кореја, во Хрватска и секаде на светот, воопшто да имаме иднина.

(„Јутарњи лист“, Загреб)