Во Словенија во последните 24 часа се потврдени 726 нови инфекции со коронавирус на 3.765 тестови, објави словенечката влада, што е досега најголем процент на заразени во однос на бројот на тестирани лица. Инаку, регистриран е помал број на инфекции во споредба со претходниот ден, кога беа забележани рекордни 898 заразени.

Владиниот портпарол за ковид-19, Јелко Кацин предупреди на Твитер дека тоа не значи дека ширењето на вирусот е забавено бидејќи вчера е направено помало тестирање, а процентот на позитивни случаи во однос на тестираната популација, во споредба со претходниот ден се зголемил од 16 на дури 19,28 проценти.

Ова е најголем процент на позитивни во однос на бројот на тестирани и значи дека скоро секој петти примерок бил позитивен.

Комплетните податоци за наодите во последните 24 часа, за состојбата во болниците и по региони, словенечката владата ќе ги објави околу 13 часот.

– Во следните недели, ќе доживееме нешто што нашата генерација сè уште не го доживеала и за што никој не можеше да се подготви. За две до три недели, ќе имаме ситуација полна со невозможни пречки – напиша на Фејсбук, Јанез Поклукар, директор на Универзитетскиот клинички центар во Љубљана.

Тој од граѓаните побара разбирање и солидарност во придржувањето кон мерките, за да можат болниците да го издржат притисокот врз здравствениот систем.