Регионот се подготвува за справување со делта-варијантата
Државите од регионот, по најавите за пристигнување на новиот сој на коронавирусот на Балканот за наесен, започнуваат превентивно да ги организираат своите медицински капацитети. Во таа насока земјите на големо го обучуваат младиот персонал и истовремено ги одмораат постојните доктори и медицински сестри, кои со големо темпо работеа во пандемијата
Индискиот сој или т.н. делта-варијанта на ковид-19 ги врати стравувањата од нов есенски бран, па, така, болниците на Балканот ги интензивираат подготовките од можниот нов налет на опасната инфлуенца. Со ваква констатација се повеќето натписи во регионалните медиуми, кои велат дека лекарите, но и здравствените установи, поучени од мината есен, сега плански и одговорно им приоѓаат на најавите за нов евентуален бран од коронавирусот. Имено, како што наведува српска „Политика“, на медицинскиот персонал во речиси сите клиники низ Србија му е наложено да ги искористи слободните денови од годинашниот одмор, со цел докторите пред есента да бидат одморени од и онака тешкиот период што го наметна пандемијата. Пулмологот Дејан Жујовиќ вели дека професијата веќе се подготвува за нов есенски бран од коронавирусот.
– Во сите болници од кои беше позајмен медицинскиот персонал за ковид-центарот во Батајница им е наредено на вработените да одат на годишен одмор сега, бидејќи тоа нема да можат да го сторат од 1 септември. Тоа значи дека медицинскиот персонал веќе плански се подготвува за нов бран наесен – изјави тој за српската телевизија Н1.
Жујовиќ смета дека 39 проценти од ревакцинираните луѓе, но и оние помалку од милион што го прележаа вирусот се „апсолутно недоволни“ за колективен имунитет во Србија. Од друга страна, вирологот Миланко Шеклер оценува дека голем дел од невакцинираната популација во Србија претставува опасност за понатамошно ширење на вирусот.
– Тие велат дека се враќаме во нормалниот живот. Требаше да им се стави акцент на сите преостанати антиепидемиски мерки, а олеснувањето на протоколите требаше да се претстави како нов момент, а не укинување на забраните – објаснува тој.
Директорката на ковид-болницата во Батајница, д-р Татјана Аџиќ Вукичевиќ, во изјава за РТС вели дека иако во моментов е намален бројот на хоспитализирани во таа здравствена установа, бројките се нешто што е релативно и лесно може да се сменат.
Вукичевиќ во исто време тврди дека епидемиолошката состојба во моментов е поволна и дека бројките паѓаат од ден на ден.
– Ова е најмал број на хоспитализирани досега во нашата болница, каде што од овие 75 пациенти што се на лекување, 60 се за полуинтензивна нега, а 15 од нив на интензивна нега – рече Аџиќ Вукичевиќ.
Во меѓувреме слична е сликата и во соседна Хрватска. Според пишувањата на „Јутарни лист“, во земјата на големо се обучува младиот медицински кадар како да лекува пациенти позитивни на ковид-19. Довчерашната претседателка на хрватското друштво за интензивна медицина, Марина Дувњак, истакнува дека многу медицински работници и негуватели во текот на првиот бран на ковид-19 апсолвирале брзи курсеви за постапување со пациенти заболени од коронавирус, а сега тие треба да добијат продлабочена обука. Првите луѓе на лекарската комора во земјата, пак, со оглед на пандемијата на коронавирусот, апелираат за постоење постојани кризни одделенија во болниците.
– Мораме постојано да имаме на располагање извесни капацитети и, секако, финансиски средства за нивно одржување. Тоа е како кај противпожарната служба, таа чини пари, дури и тогаш кога не е во акција, но кога некаде гори, таа е брзо тука – соопштија од хрватската лекарска комора. Паралелно на ова, хрватскиот министер за здравство, Вили Берош, неделава истакна дека појавата на нови случаи на мутации на коронавирусот во Хрватска во последните неколку дена не е неочекувана и тоа, според него, покажува дека сепак е потребна претпазливост.
– Факт е дека вирусот сè уште е меѓу нас. Најважно е што во сите нови случаи го знаеме начинот на инфекција, дека епидемиолошката служба брзо ги откри сите пациенти и дека беа преземени сите потребни епидемиолошки мерки – рече Берош.
Инаку и преостанатите земји од опкружувањето со прецизна стратегија и планови им приоѓаат на најавите за нов евентуален есенски бран од ковид-19. Покрај Словенија и Бугарија периодов на големо ги реформира здравствените тимови и медицинскиот персонал во земјата.