Министрите за здравство на ЕУ изјавија дека сакаат подобро да ги координираат различните национални политики за четврта доза вакцина против коронавирусот и побараа од извршната власт во Брисел да претстави план следната недела.
– Денес гледаме земји кои отворија процедура за четврта доза за лица над 75 години, други за над 80 години, како што е случајот со Франција, додека Холандија ги вакцинира луѓето над 60 години со втор бустер – рече Оливие Веран, министерот за здравство на Франција, која во моментов претседава со Унијата.
Други сè уште не започнале, така што ова покренува легитимни прашања, рече Веран.
Тој информира дека министрите побарале од Европската комисија да се координира со 27-те земји-членки, Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) и Европската агенција за лекови (ЕМА) за да се утврди заеднички став.
– Пандемијата се разбира, сè уште е со нас. Вакцинацијата е исто толку важна денес како и пред неколку месеци. За жал, гледаме пад на вакцинациите во исто време со укинување на ограничувањата, и тоа е разбирливо – рече еврокомесарката за здравство Стела Киријакидес.
Таа додаде дека сè уште има повеќе од 100 милиони невакцинирани или само делумно вакцинирани луѓе во Европа.
– Вакцинирањето останува наше најдобро средство во борбата против пандемијата и мора да бидеме подготвени за есенските и зимските месеци – смета Киријакидес.