Експертите низ светот секојдневно вложуваат натчовечки напори за наоѓање лек против коронавирусот. Оптимистичка вест доаѓа од Австралија, од универзитетот „Квинсленд“ во Бризбејн, каде што тамошните научници веруваат дека лекови што се користат за лекување други болести го запираат и коронавирусот. Нашиот весник пред три дена пишуваше за докторката Тинка Видовиќ, 30-годишна сплиќанка за која се претпоставува дека можеби го нашла лекот за коронавирусот

Лековите што се користат во лекувањето на ХИВ и маларија би можеле да го запрат коронавирусот, веруваат австралиските научници. Во изјава за австралиските медиуми, група инфектолози од универзитетот „Квинсленд“ од Бризбејн велат дека „ со двата лека што веќе постојат ја победиле инфекцијата со ковид-19“.
Имено, хлорокин, лекот против маларија, и комбинацијата лопинавир/ритонавир, со која се третираат пациенти заразени со ХИВ, покажаа ветувачки резултати и со нивната употреба, тврдат научниците, „исчезна“ коронавирусот кај заразените пациенти. Тие лекови сѐ уште се тестираат, но паралелно со тоа, низ светот, научниците се обидуваат да најдат вакцина, лек или единствен третман со кој ефектно би се пресметале со коронавирусот.

До какви резултати дојдоа истражувачите од Австралија

Професорот Дејвид Патерсон, еден од истражувачите од универзитетот „Квинсленд“, се надева дека ќе успее да поттикне и мобилизира ресурси во поголем број да се вклучат во нивното истражување до крајот на месецов.
– Се работи за потенцијално ефективен третман. Пациентот под терапијата веќе нема коронавирус во себе. Првиот бран пациенти што ни дојдоа од Кина одлично реагираа на лекот против ХИВ. Она што го сакаме ние е големо клиничко истражување низ Австралија за време на кое би споредувале како влијае едниот, како другиот лек, а како дејствуваат во комбинација – рече Патерсон за ефектот од третманот со лопинавир/ритонавир.
Лекот против ХИВ лопинавир/ритонавир најчесто се продава под називот калетра. Заразените лица го земаат двапати дневно, а тој го редуцира нивото на вирусот што циркулира низ телото. Калетра се наоѓа на американскиот, европскиот и австралискиот пазар, а „АббВие“, компанијата што го произведува, веќе им донира поголем број дози на кинеските и на американските власти, како и на СЗО.
Хлорокин, лекот против маларија, всушност дејствува како вакцина против таа болест што ја пренесуваат комарци. Тој лек не ја лекува болеста туку го спречува нејзиниот развој ако се земе пред, за време или откако некој ќе ги посети ризичните подрачја.

И Медитеранскиот институт од Сплит, Хрватска, дојде до ветувачки резултати

Според последните податоци, во светот денес има околу 170.000 луѓе заразени со коронавирусот. Првпат остатокот на светот има поголем број заразени од Кина, земјата во која и почна пандемијата со овој вирус. Досега од оваа болест починаа повеќе од 6.500 луѓе, а успешно се излечени повеќе од 77.000 луѓе.
За потсетување, „Нова Македонија“ во викенд-изданието објави извештај од средбата што ја имаа новинарите во Сплит, Хрватска, со докторката Тинка Видовиќ, 30-годишна сплиќанка за која се претпоставува дека можеби го нашла лекот за коронавирусот. На средбата со неа зборуваше и нејзиниот ментор Мирослав Радман, кој раководи со Медитеранскиот институт за истражување на животот.
Нашиот специјален известувач од Сплит, Ангел Митревски, веќе контактираше со двајцата хрватски научници и договори ексклузивно интервју за нашите читатели, во кое тие ќе зборуваат малку поопширно и пооптимистички за темата што е најактуелна во светот денес.
Докторката Тинка Видовиќ прекуноќ стана позната, откако со своето истражување ја утврди можноста за користење на валпроичната киселина како потенцијален лек за ковид-19. За тој труд, таа веднаш доби високо меѓународно признание од американската компанија „Сејџ-хелт“.

Пристапот на д-р Видовиќ е спречување на ковид-19 да влезе во клетката

Според менторот на д-р Тинка Видовиќ, истражувачот д-р Радман, таа применила оригинален пристап, истражувајќи ги лековите, за да види дали некој лек би можел да биде подобар за некоја друга болест.
– Ова би можело многу брзо да влезе во фаза на истражување. Со вирусите имате само неколку пристапи. Првиот е да му ја отруете ДНК. Тоа е да му се понудат на вирусот погрешни букви и тој да го уфрли оштетувањето во ДНК и да ги отруе своите гени. Вториот пристап е вакцината, за што треба да се имаат веќе готови антитела. Третиот пристап е да се оди и да се спречи вирусот да влезе во клетката, да влезе во крвта. Тоа е пристапот на Тинка, едноставно да го спречи да влезе во клетката – објасни сплитскиот научник. Н.М.