Строгиот режим на ограничено движење наметнат во австралиската држава Викторија во текот на летото, во услови на епидемија на коронавирус, беше избрзан и ги лиши граѓаните од нивните права, заклучи Омбудсманот на државата во новиот извештај.

Соопштението издадено од Народниот правобранител на Викторија, Дебора Глас, покажа дека строгиот карантин спроведен во девет станбени блокови во јули ги прекршил граѓанските слободи и можеби бил незаконски. Со него жителите беа затворени во своите домови речиси една недела, оставајќи ги некои без храна и лекови.

– Брзата блокада не беше компатибилна со човековите права на жителите, вклучително и со нивното право на хуман третман кога се лишени од слобода – напиша Глас, додавајќи дека дејството се чини спротивно на законот.

Истрагата идентификуваше неколку случаи кога исполнувањето на итните барања за лекови било одложено или занемарено од страна на властите кои ја спроведуваат блокадата. Жителите во некои случаи биле принудени да се потпрат на волонтери од семејството или заедницата за да соберат и достават неопходни намирници.

Глас, исто така, ги критикуваше мерките како резултат на лоши совети, имајќи предвид дека на вршителот на должноста здравствен шеф на државата му било дозволено само 15 минути да ги разгледа ограничувањата и нивните импликации врз човековите права. Таа истакна дека многу проблеми поврзани со режимот се припишуваа на избрзаноста на интервенцијата.

Понатаму, Глас рече дека државата ја спроведувала политиката користејќи голем број униформирани полицајци во Викторија, што е опишано како непотребно и нечувствително од страна на оние што живеат во станбените блокови.

– Овој аспект на карантинот не се покажа како предмет на забележителна меѓуагенциска дискусија или дебата – продолжи таа, велејќи дека властите не размислиле за тоа како значителното распоредување на полицијата ќе биде перцепирано од жителите.

Одговарајќи на извештајот на Глас, владата на Викторија призна дека направила грешки, но и покрај тоа жестоко го бранеше карантинот, при што министерот за домување на Викторија, Ричард Вин, им рече на новинарите: „Не се извинуваме за спасување на животи на луѓе, нема извинување за спасување на животи“.

Во извештајот на народниот правобранител беа наведени голем број препораки до владата, повикувајќи ги официјалните лица да се извинат за штетата или вознемиреноста предизвикана од карантинот и да воведат поголеми заштитни мерки околу употребата на овластувањата за итен притвор. Сепак, не е јасно какви правни лекови може да имаат жителите во станбените кули. Иако Викторија имаше повеќе од 28.000 заразени со коронавирус, заклучно со четвртокот државата помина 48 дена без да има ниту еден нов случај.