Пандемијата на коронавирусот ја доведе Германија до пресвртна точка која ќе покаже дали земјата ќе се движи во насока на страв и неизвесност или ќе стане повнимателно и оптимистичко општество, рече германскиот претседателот Франк-Валтер Штајнмаер во неговото обраќање до нацијата.

„Не сакаме да бидеме плашливо и недоверливо општество“, рече Штајнмаер во изјавата што ја пренесуваа најголемите германски радиодифузери.

„Можеме да станеме посигурно, грижливо и оптимистичко општество – можеме да пораснеме поради оваа ситуација“, нагласи тој.

„Или ќе биде секој човек сам за себе, да се турка, да паничи и да купува само за себеси и своите, или ќе ја искористиме оваа ситуација за да мислиме и за другите во општеството“, рече германскиот претседател, кој обично се обраќа до нацијата само на Божиќ.

„Коронакризата е тест за нашата човечност“, рече Штајнмаер.

Тој, исто така, се осврна и на рестриктивните мерки што владата ги спроведува во последните неколку недели, велејќи дека нивниот успех не зависи од политичарите и експертите, туку од сите луѓе, од заедничката трпеливост и дисциплина, особено сега кога се чини дека е најтешко.

Германија е една од најтешко погодените земји во Европа од коронавирусот. Над 120.000 луѓе се инфицирани, а досега има регистрирано 2.736 смрни случаи, како резултат на респираторното заболување предизвикано од вирусот.

Штајнмаер во говорот повика на солидарност во Европа, велејќи дека Германија не може да излезе од кризата силна и здрава ако нејзините соседи не се силни и здрави.

Најновата анкета објавена денеска покажа дека две третини од Германците се задоволни од тоа како владата се справува со кризата во обид да се запре ширењето на коронавирусот.