Пред нешто помалку од еден месец, Американската администрација за храна и лекови (ФДА) кажа дека болниците можат да ги лекуваат со „ремдесивир“ заболените од ковид-19. Се тврдеше дека лекот продаван под името „веклури“ го забрзува закрепнувањето и ја намалува потребата за употреба на респиратори. И американскиот претседател во заминување, Доналд Трамп, кој беше лечен од ковид-19 со „ремдесивир“, го пофали лекот опишувајќи го како „едно од божјите чуда“. Но вчера, Светската здравствена организација ја сопре употребата, предлагајќи дека лекот треба да се избегнува, пишува „Блумберг“. СЗО посочи дека нема докази оти „ремдесивир“ ги зголемува изгледите на пациентите за закрепнување, објавувајќи ги заклучоците во медицински магазин.

Брзината е од значење во трката за спречување на ковид-19. Но, одлуката на СЗО за „ремдесивир“ претставува и потсетник дека пребрзото одобрување на лековите во развој е ризично. Со неа се нагласува и зошто ФДА треба да внимава со одобрувањето на вакцините-кандидати под притисокот на Белата куќа за забрзување на процесот.

Многумина беа збунети кога ФДА ја одобри употребата на „ремдесивир“ за лечење на ковид-19 во октомври. Џон Коен и Каи Купфершмит кои пишуваат за магазинот „Саенс“ се обидоа да ја расветлат мистеријата во напис објавен минатиот месец. Тие дојдоа до сознание дека ФДА и ЕУ ја одобриле употребата на „ремдесивир“ наспроти очигледни процедурални недостатоци. ФДА не се консултирала со надворешни експерти при одобрувањето, а ЕУ ја одобрила цената на лекот една недела пред СЗО да ги објави резултатите од испитувањето на „ремдесивир“

Во написот во „Саенс“ се посочува дека постапувањето на ФДА со „ремдесивир“ е спротивно во однос на процесот кој се однесува на вакцините против ковид-19.

Наравоучението од избрзаното одобрување на „ремдесивир“ треба да биде земено предвид при процесот за одобрување на вакцините на „Фајзер“ и на „Модерна“, за кои се смета дека ќе имаат големо значење во борбата против ковид-19, заклучува „Блумберг“.