Состојбата во Европа со коронавирусот ги извади и статистиките што говорат за тоа колку во ЕУ се троши на здравствена заштита. Најновите статистики на Евростат за тековните трошоци за здравствена заштита (јавни и приватни) покажуваат како трошоците за здравствената заштита варираат во земјите-членки на Европската Унија. Какви се состојбите во Македонија

Глобалната пандемија на коронавирусот ги исфрли во прв план на интерес прашањата и за досегашната вложувања на државите во здравствената заштита. Всушност, и главниот предизвик во справувањето со пандемијата е како да се менаџира со оптовареноста на здравствените системи. Примарната цел е во првата фаза да се одржи барем линеарниот пораст на новозаразени, за да може здравствениот систем да одговори со соодветни мерки. Дел од здравствената криза во Италија се должи токму на преголемата оптовареност на здравството во краток временски период со секојдневен експоненцијален раст на новозаразени.

Ваквата состојба во Европа со коронавирусот ги извади и статистиките што говорат за тоа колку во ЕУ се троши на здравствена заштита. Најновите статистики на Евростат, за тековните трошоци за здравствена заштита (јавни и приватни) покажуваат како трошоците за здравствената заштита варираат во земјите-членки на Европската Унија.
Трошоците за здравство во Франција и во Германија се еквивалентни на 11,3 проценти од БДП, поголем удел отколку во која било друга земја-членка на ЕУ. Следниот највисок однос е забележан во Шведска (11,0 проценти). Спротивно на тоа, трошоците за здравствена заштита учествуваат со помалку од 7,5 проценти од БДП во 12 земји-членки, при што Романија бележи најмал процент (5,2 проценти). Во просек, во ЕУ се проценува дека трошоците за здравствена заштита изнесувале 9,9 проценти од БДП во 2017 година.

Во однос на големината на населението, трошоците за здравствена заштита се највисоки кај земјите-членки на ЕУ во Шведска (5.200 евра по жител), Данска и Луксембург (5.100 евра по жител, секој) во 2017 година, додека најнизок е во Романија (490 евра по жител) и во Бугарија (590 евра по жител).
Годинешното одбележување на Светскиот ден на здравјето, изминативе денови се случи во најголемиот ек на пандемијата во Европа, а Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕС) тогаш упати порака за солидаризирање за универзални јавни здравствени политики во Европа.

Трошоците за здравство во земјите од ЕУ се околу 11,3 проценти од нивниот БДП, додека во Македонија таа бројка е околу 7 отсто од БДП

– Резултатите од намерното воведување практики и политики на штедење во здравствениот сектор од земјите-членки на Европската Унија и воопшто земјите од Европа се драстично видливи денес, кога јавните здравствени системи се соочуваат со неуспех во обезбедувањето на јавните здравствени услуги. Оваа состојба се јавува и покрај храброста и саможртвувањето на работниците. Повикуваме лекциите научени како резултат на кризата да не се заборават по нејзиното завршување. Здравјето не е трошок и стока за продажба, тоа е инвестиција – се вели во соопштението од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ).

ЕУ и земјите од Европа, како што се наведува, сепак може да ја надминат оваа криза со радикално менување на пристапот кон здравствениот сектор.
Актуелните податоци за средствата издвоени од македонското БДП за здравствена заштита сѐ уште не се статистички обработени, особено што поради ситуацијата со коронавирусот во тек е пренамена на средства од буџетот. Но, според некои неофицијални сознанија, просекот на досегашните издвојувања за здравството од БДП во Македонија се движи околу 7 отсто.

Во актуелните услови на борба и справување со предизвиците на пандемијата, секако преовладува мислењето во јавноста дека не се вложувало доволно во здравството, но економските експерти укажуваат дека за квалитетот на здравствената услуга не се пресудни само издвоените средства.

– Предизвикот на коронавирусот, со кој се соочуваме и дома, во Македонија, и на светско ниво покажа дека единствено Германија има ефикасен здравствен систем. Секако, се покажа и дека мора повеќе да се вложува во здравствената заштита, но тоа не придонесува пресудно за ефикасноста на здравствените системи. Не се сведува сѐ само на издвоените средства од националниот БДП, туку и како се наменуваат тие средства, т.е. каде одат парите. На пример, некои податоци укажуваат дека во САД можеби се троши и поголем процент од БДП за здравствени услуги, но парите ги зема здравствената мафија. Значи, може да се издвојува и повеќе од БДП за здравство, но повторно да не се добие квалитетна здравствена услуга – предупредува економскиот експерт Петар Гошев.