Илустрација: Форин полиси

При соочувањето со пандемијата што го парализира светот, вакцината делуваше како очигледно решение. За природниот предизвик е потребно научно решение. За разлика од социјалното дистанцирање и карантините, вакцината изгледа како едноставно и едногласно решение. Покренете ги лабораториите и дистрибуирајте милијарди дози. Во наредните недели очекуваме први вести од важната третафаза на тестирањата на најветувачките кандидати за вакцина. Постои надеж дека успешната вакцина ќе биде „црна кутија“ – функционална направа во која никој нема да се сомнева и нема внимателно да ја испита се додека функцоинира, пишува Адам Тузи, директорот на Европскиот институт на универзитетот „Колумбија“, за „Форин полиси“.

Но како што испаѓа, создавањето и дистрибуцијата на вакцина би можела да реши сет на политички и економски проблеми, додека создава сет на нови проблеми. Мислевме дека ефективната вакцинација ќе биде причина за славје. А може да се испостави дека ќе биде симбол на глобалната неправда која ќе поттикне незадоволство низ светот.

– Веќе можеме да ги согледаме контроверзиите што надоѓаат. САД соопштија дека нема да учествуваат во програмата КОВАКС под покровителство на Обединетите нации, чиј цел е рамномерната дистрибуција на вакцини низ свеотот.  Се појавија и прашања дали може да се има доверба во владите за тие сами да вршат надзор во трката за вакцина. Русија изби на чело одобрувајќи недокажана вакцина, во надеж дека резултатите од тестирањата ќе бидат доволни.  Кина ја одобри употребата на вакцина во војската, но беше принудена да ги спроведе тестирањата во Бразил, поради отсуството на активна епидемија. Белата куќа се коцка со американското решение, а фармацевтската индустрија на САД веќе изрази загриженост за намерите на администрацијата на Доналд Трамп. Она што излегува на виделина е дека политичките интереси, големите бизниси и јавното здравје се длабоко поврзани. Стабилните одговори за кризите наспроти спротивставените интереси, невидливите ризици и неизвесноста, никогаш не се брзо решение – пишува Тузи.

Се поставува прашањето дали државите, политичарите, науката, бизнисите и јавноста можат да се организираат себеси на таков начин за висококвалитетна вакцина да биде испорачана по достапни цени на светската популација. Тоа е прашање на нужност. Тоа е прашање на легитимитет на меѓународниот и домашниот поредок. Тоа е и пресудна одлука за иднината, смета професорот.

Секоја криза ќе бара комбинација од одговори – политички, економски, социјални, културни и технички. Некои прашања ќе сакаме да ги отвориме за јавна расправа, а други пак, да ги оставиме за процена на експертите и за технички решенија, без јавна осуда или мешање. Согледана во овие услови, трката за вакцина е тест за политичката економија на иднината.

– Иако има 321 кандидат за развој на вакцина, што се чини како голем број, но никогаш досега не сме развиле вакцина против коронавирус. Ковид-19 создаде економски загуби од трилиони долари. Милијарди луѓе ги почувствуваа последиците во март и во април. Стотици милиони останаа без работа. Образованието на младите луѓе низ светот се соочува со прекини и застој. Светската банка проценува дека без одлучна акција за закрепнуање, платената цена во загубата на човечки капитал би можела да достигне до 10 трилиони долари. Според проценките на економистите, стратегијата за производство на вакцина против ковид-19 ќе вклучува трошоци од 150 до 170 милијарди долари, но најголема грижа претставува вакцина-национализмот, односно стравот дека водени од сопствените интереси, богатите држави ќе го монополизираат снабдувањето со вакцини, со што ќе ги нарушат научните напори – се наведува во анализата.

Но вистинската грижа е што ќе се случи кога ќе имаме вакцина. Пандемиите по дефиниција претставуваат општи проблеми, но кога станува збор за пристапот до вакцините, националниот егоизам и корпоративните интереси создаваат длабоки проблеми на нееднаквост. Неуспехот за осигурување на еднаква дистрибуција на вакцините ќе ја наруши репутацијата на оние што ќе го монополизираат лекот и дополнително ќе ја разурне легитимноста на глобалните институции кои треба да осигурат фер услови, заклучува авторот.