Европската комисија предложи план за подготовка на Европската Унија за справување од зголемената закана од нови варијанти на коронавирусот.

Новиот план вклучува забрзување на процесот на одобрување на вакцините приспособени на новите видови и зголемување на производството.

Планот е наречен „ХЕРА инкубатор“. ХЕРА е планирана агенција на ЕУ за одговор на здравствена криза (кратенка за Орган за одговор на здравствени итни случаи).

– За да бидеме чекор напред, го почнуваме инкубаторот ХЕРА, кој ќе ги обедини научниците, индустријата и јавните власти и ќе ги мобилизира сите расположиви ресурси за да може да одговори на овој предизвик – рече претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лаен.

– Наш приоритет е да им дадеме на сите Европејци пристап до безбедни и ефективни вакцини што е можно побргу. Во исто време, се појавуваат нови варијанти на коронавирусот и ние треба да го приспособиме нашиот одговор уште побргу – додаде таа.

Планот предвидува 75 милиони евра, европско финансирање за развој на специјализирани тестови за нови варијанти и поддршка за секвенционирање на геномот на вирусот за идентификување нови варијанти.

150 милиони евра ќе бидат наменети за зајакнување на истражувањето и размена на податоци за нови варијанти.

Планот исто така има цел да го забрза одобрувањето на вакцините приспособени на новите варијанти врз основа на моделот на вакцини против грип.